Почина легендарната Анка Гиева – пејачката со бисерен глас

1484

Тажна вест. Во Скопје, на 86 години од животот почина легендарната пејачка на македонски народни песни, Анка Гиева. Беше дел од плејадата познати песнопојци – пејачка со препознатлив, карактеристичен, бисерен и уникатен глас, кој освојува и милува додека неа ја слушаш. За музичката продукција на Македонската радио-телевизија има снимено над стотина преубави народни песни.

Родена е во Скопје и била професионално вработена во Македонскиот народен театар (МНТ). Потоа и во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“. За Радио Скопје снимила голем број антологиски народни македонски песни, меѓу кои и: „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“, „Пилето ми пее рано на сабајле“, „Лилјано моме убаво“, „Елено, ќерко Елено“, „Крај Вардара седеше“, „Да сум бистра вода“, „Отвори ми, бело Ленче“, „Битола мој роден крај“, „Црна се чума зададе“, „Ах, мори мајко“,  „Ме сакаа двајца, тројца“ и многу други.

Анка Гиева беше меѓу 13. легендарни музичари од областа на македонската народна музика што во 2022 г. беа одликувани со Медал за заслуги од тогашниот претседател, Стево Пендаровски. Одликувањето беше доделено за нејзиниот голем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.