Почина великанот на македонската архитектура: Петар Муличковски, автор на оригиналната зграда на Владата

179

Утринава, на 93-годишна возраст почина Петар Муличковски, еден од великаните на македонската архитектура.

Покрај другите значајни проекти, Муличковски е автор и на оригиналната зграда на Владата изградена во 1970 година.

Петар Муличковски е роден во 1929 година во Прилеп, каде живее до крајот на средното образование. Во периодот од 1949 до 1957 студира Архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959-та е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Со понатамошно лично надградување цо 1967 е избран за доцент, а во 1978 за редовен професор на истиот факултет. Како професор држи настава во сите области на научниот урбанизам, стои во неговата биографија објавена на МАРХ.

Творештвото на Петар Муличковски е мошне разновидно и опфаќа од урбанистичко и архитектонско проектирање и ентериери до меморијална и пејсажна архитектура, а може да се истакне и неговиот специфичен израз во негувањето на цртежот, што е една од спецификите на неговото воспитание како архитект од класата на проф. Едвард Равникар на Љубљанскиот универзитет.