На светот денес му се потребни лидери посветени на мирот, како што беше Џон Кенеди, неопходни ни се граѓани на светот што им се посветени на мирот и на грижата за бедните, каква што беше Мајка Тереза. Мирот треба да се гради почнувајќи од секој поединец, па до целото општество. По катастрофалниот земјотрес, Скопје беше пример за меѓународна соработка и солидарност. Ова се дел од главните пораки на Форумот за културна дипломатија во Скопје.
Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов денеска, во своето поздравно обраќање, посочи дека Форумот се одржува во година на одбележување на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Тој потсети дека по најсмртоносниот земјотрес на Балканот, во кој загинаа 1.070 граѓани, Скопје станало пример за меѓународната соработка и солидарност.
– Зошто го споменувам овој трагичен настан кога треба денеска да зборуваме за културната дипломатија и за мирот? Затоа што веднаш по земјотресот Скопје стана град на солидарноста и град кој обединува. Тогашните односи во светот беа како денешните. Потсетете се дека таа година избувна кубанската криза, студената војна меѓу суперсилите беше во најкритичната фаза. Малку недостигаше да дојде до нова крвава, светска војна. Но, од Скопје и за Скопје протече таа мека, културна дипломатија. И денеска треба да се работи со таква самодоверба и без страв на таа стратегија за солидарност, соработка и мир – истакна Иванов.
Тој додаде дека поради земјотресот, и САД и СССР, без оглед на дотогашните несогласувања со политиката на Југославија, која започна да го гради Движењето на неврзаните, веднаш побрзале да му дадат помош на разурнатиот град. САД, предводени од претседателот Џон Кенеди, испратиле полска болница со 200 лекари, кои само три дена по земјотресот почнале да спасуваат животи. Со акцијата за помош на Скопје раководел Лоренс Игелбергер, кој подоцна станал амбасадор во Југославија и до крајот на животот останал голем поддржувач на Македонија. И лидерот на СССР, Никита Хрушчов, наспроти заладените односи со Југославија, решил да даде поддршка, а дошол и во Скопје да го види разурнатиот град и да донесе помош.
– Американски и руски војници дојдени да пружат помош тука, во Скопје, си подаваат рака едни на други. Помошта за Скопје станува прва точка пред Генералното собрание на ОН. Меѓународната помош доаѓа од речиси сите држави. Помошта продолжува и доцна по земјотресот. Урбанисти и инжинери од сите профили изработуваат план и го градат Скопје – потсети Иванов.
Поранешниот македонски претседател потсети дека многу уметници дарувале свои дела, меѓу кои и Пабло Пикасо, чие дело е изложено во Музејот на современа уметност, изграден од Полска како помош за градот.
– И денес Скопје ја слави меѓундародната солидарност. Многу институции се донации, многу улици носат имиња на земји, градови, имиња на познати личности што се вградиле во обновата на Скопје. Македонија беше ставена на светската мапа, што ниеден политички настан не би можел да го постигне тоа. Тоа е таа мека, културна дипломатија, која е и тема на конференцијата – рече Иванов.
Претставувајќи ги мултиетничноста и мултикултурноста на Скопје, Иванов ја посочи биографијата на најпознатата скопјанка, Мајка Тереза, која пред својата смрт дојде од Калкута да го види родниот град.
– Мајка Тереза ги освои срцата на сите во светот помаѓајќи им на сите, на сиромашните, на болните, обесправените. Стана симбол на хуманоста. Папата се поклони овде, во Скопје, пред нејзиниот споменик – рече Иванов.
Во рамки на Форумот се одржа претседателски панел на кој се обратија поранешните претседатели од земјите од регионот, кои се уверени во европерспективата на Западен Балкан, кој, според нив, со војната во Украина има нов геостратешки контекст за разлика од претходно.
Српскиот експретседател Борис Тадиќ смета дека европската иднина на регионот, поради руската агресија на Украина и односите Кина – САД, нема алтернатива и за аспирантите и за ЕУ.
– Тука е слабата точка на европската безбедност. Во спротивно, не мислам дека Европа ќе биде доволно безбедна и силна за соочување со предизвиците во иднина. Само интегрирана Европа ќе биде во можност да биде конкурентна глобално – изјави Тадиќ.
За поранешниот албански претседател Бамир Топи, за да се оствари единствената цел кај сите земји од регионот – влез во ЕУ, потребно е соседите да соработуваат.
– Ние немаме проблем со нашата крајна цел, тоа е Брисел. Но, треба да работиме на реформите и сите заедно, што е можно поскоро, ќе стигнеме до Брисел и во европското семејство – рече Топи.
Поранешниот шеф на бугарската држава, Петар Стојанов, истакна дека е важно да се има цел за соживот во Европа, каде што заеднички живеат многу нации без да го загубат својот идентитет. Тој потсети дека војната во Украина му дава нов стимул на процесот на проширување.
– Во Македонија, не треба да губите верба дека Македонија ќе биде членка на Европската Унија. Тоа е сигурно и сите ние веруваме во тоа – нагласи Стојанов.
Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 беше во коорганизација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилазиите“. Се одржа во рамки на Светскиот форум за демократија и мир (2022-2027), кој е петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија.
(И.С.)