Потребна е подобра полициска соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан за миграцијата и криминалот

19

Борбата против организираниот криминал и тероризмот и управувањето со миграцијата бараат поголема размена на информации и подобра соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан, заклучено е денеска на министерската конференција ЕУ-Западен Балкан одржана на Брдо кај Крањ.

Словенечкиот министер за внатрешни работи Алеш Хојс по средбата изјави дека овие прашања бараат најдобра можна размена на информации и оперативна соработка на терен меѓу членките на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Словенија, која претседава со Советот на ЕУ до крајот на годинава, препорачува дел од 30-те милијарди евра европски фондови што ќе ги добијат земјите од регионот како помош да бидат насочени кон активности во областа на внатрешните работи.

Борбата против организираниот криминал за земјите во регионот, исто така, мора да се гледа како важен дел од владеењето на правото, рече по средбата еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, заблагодарувајќи им се на трите земји во регионот кои примија бегалци од Авганистан откако талибанците ја презедоа власта во земјата.

На новинарско прашање за наводите и обвинувањата дека Словенија и Хрватска спроведуваат поврзани акции за враќање на мигрантите и бегалците во БиХ и вршат насилство врз нив, Хојс рече дека одлучно ги отфрла овие наводи и оти мигрантите никогаш не се пожалиле на постапки на Словенија.

Словенија ги враќа во Хрватска само оние мигранти кои не бараат азил во Словенија и тоа го прави легално, според билатералниот договор со Хрватска, рече Хојс, додавајќи дека дезинформациите може да се должат на тоа што некои ја замениле Словенија со Хрватска, која јави за такви случаи. Или можеби се работи за „спин“ на новинари или невладини организации, изјави словенечкиот министер за внатрешни работи.

Еврокомесарката Јохансон, одговарајќи на истото прашање, рече дека таа лично и Европската комисија генерално се загрижени за сите извештаи за кршење на човековите права.

– Кога станува збор за границата на Хрватска со БиХ, морам да кажам дека имам многу добра соработка со хрватската Влада, рече Јохансон, додавајќи дека е воспоставен независен механизам за следење кој работи и има поддршка од Европската комисија.