Потпишав за Вардар зашто Нант ме разочара, а не зашто мојата сопруга е Македонка 

1286

Нант не ми понуди фер договор, тие не веруваа во мене. Од друга страна Вардар ми даде тригодишен договор што не се одбиваше, а освен тоа и мојата сопруга е Македонка. Но морам да кажам дека мојот трансфер во Вардар нема никаква врска со коментарите дека мојата сопруга го сакала тоа, изјави Шпанецот 

Шпанскиот ракометен репрезентативец Едуардо Гурбиндо, од наредната сезона ќе го носи дресот на двократниот европски шампион, тимот на Вардар. Но, пред да пристигне во „црвено-црното“ семејство, со францускиот Нант ќе се обиде да ја освои титулата во Лигата на шампионите, а потоа ќе настапи и на Летните олимписки игри со репрезентацијата на Шпанија во Токио.

Во меѓувреме десниот бек на шпанската ракометна репрезентација и на францускиот Нант, за весникот „noticiasdenavarra“, ја откри вистинската причина зашто се одлучил да се пресели во Вардар, а тоа не е неговата сопруга Елена, која е Македонка и со која во април го добија нивното прво дете.

  • Вистина е дека има луѓе кои ќе кажат дека сум ја прифатил понудата на Вардар само затоа што мојата сопруга е Македонка и сака да биде дома во својата земја. Јас и Елена разговаравме за тоа и сигурно ќе останевме во Нант, доколку понудата беше фер. Тие ми понудија само едногодишен договор со можност за продолжување на уште една година. Намалувањето на платата исто така играше важна улога во мојата одлука, но тоа не беше пресудно. Потешко ми падна што не веруваа во мене, ми понудија едногодишен договор само за да видат како ќе играм после повредата на коленото и тоа беше многу понижувачки за мене. Во исто време ме контактираше и Вардар и ми понуди тригодишен договор, економски беше исплатливо и кога на сето ова ќе додадам дека мојата сопруга е од Македонија и можеме да уживаме со нејзиното семејство, беше полн погодок. Веднаш отидов и в лице му кажав на претседателот на Нант дека имама понуда од Вардар и дека мојата сопруга е од таму. Доколку во тој момент ми понудеше нешто интересно, јас ќе останев. Но, морам да кажам дека мојот трансфер во Вардар нема никаква врска со  коментарите дека мојата сопруга го сакала тоа, изјави Гурбиндо. 

Гурбиндо има еден златен медал со репрезентацијата на Шпанија (Хрватска 2018) од Европските првенства, еден сребрен (Полска 2016) и бронза од Данска 2014 година.  Едуардо има и една бронза од Светските првенства од Шведска 2011 година. Со Барселона ја  има освоено Лигата на шампионите во 2015 година, а на завршниот турнир во Келн играше уште два пати, во 2013 со Барселона и во 2018 со Нант.