Постои сериозна шанса да добијам  повисока функција во централната власт

248

Тој открива дека сака повторно да биде градоначалник, но оти постои сериозна шанса да има повисока функција во централната власт, но и дека есенва може да се очекува почетокот на изградбата на спортската сала „Партизан“, а летово и доизградба на адреналинскиот парк во Карпош 4  

 Анела Петрова

Фото: Ѕвонко Плавевски

Во својот мандат градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, става акцент на изградбата и реконструкцијата на детски градинки и игралишта, на зелени површини, а не ги изостава ниту изградбата на адреналинскиот парк во Карпош 4. Тој во интервју за весникот ВЕЧЕР открива дека сака повторно да  биде градоначалник, но оти постои сериозна шанса да има повисока функција во централната власт. Воедно, најавува дека есенва може да се очекува почетокот на изградбата на спортската сала „Партизан“, а летово и доизградба на адреналинскиот парк во Карпош 4

Во 2020 година се спроведе анкета за воведување на зонско паркирање во Карпош 1 и Карпош 2, во чии рамки жителите позитивно се изјаснија. Воедно, најавивте и дека ќе се спроведе анкета и за делот кај Млечен ресторан. До каде е реализацијата на овој проект, со оглед на тоа дека ЈП „Градски паркинг“ се изјасни оти се подготвени да започнат?

– ЈП „Градски паркинг“ за да изработи проект за паркирањето имаше потреба и од сообраќајно решение врз чија основа ќе го изработат проектот. Во моментов сме во финална фаза со решението. Ќе имаме и реконструкција на три клучни сообраќајници во Карпош 1 и 2 и како тие ќе завршуваат, така ќе се реализира и зонското паркирање. Што се однесува до делот кај Млечен ресторан, но и зад Министерството за економија, поради пандемијата работите се одолговлекоа. Многу брзо ќе ја реализираме анкетата и за двете локации. Тие се гранични, улицата „Рузвелтова“ е граница меѓу паркирање што се наплаќа во Центар и бесплатното паркирање во Карпош и се создаваат гужви, бидејќи сите сакаат да паркираат онаму каде е бесплатно. Тоа мора да се реши. Според информациите што ги имам, има голем интерес за зонско и на овие две локации. Инаку, за возилата на жителите паркирањето ќе биде бесплатно, а за останатите ќе се наплаќа. На тој начин ќе се избегне паркирање на возила во Карпош на луѓе кои имаат да завршат работа во Центар, а ќе се ослободат паркинг места за овдешните жители.

Имаше многу реакции во однос на повторното вадење од фиока на ДУП Ј04-Козле кој е изработен во 2014 година. О2 Иницијатива поднесе жалба против Одлуката за неспроведување на стратегиската оценка за влијанието на ДУП Ј04-Козле врз животната средина до Вас, до Министерството за животна средина и просторно планирање, Сектор за СОЖС и до Државната комисија  за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Дали и покрај реакциите ќе биде донесен овој план?

– Најпрво, Одлуката за неспроведување на стратегиската оценка за влијанието на ДУП Ј04-Козле врз животната средина се објавува токму за да можат граѓаните да реагираат и да достават жалби. Во минатото, општинското раководство не ја објавувало оваа одлука при носење на ДУП, а со тоа се ускратуваше правото на граѓаните да се изјаснат и затоа подоцна истите ДУП-ови беа укинувани од Уставен суд. Токму затоа ние ја објавуваме. Но, сè додека не се одлучи по жалбата, планот не може да биде донесен.

Дополнително во овој план намената е А1 домување на приватни парцели, но има и паркови, зелени зони, спорт и рекреација, објект за здравствена и социјална заштита и слично, додека станбените згради во ДУП се згради што веќе се изградени. Тоа се кулите во Козле на улицата „Јуриј Гагарин“. Ние продолжуваме да соработуваме со сите граѓани и здруженија за овој ДУП, бидејќи тоа е единствениот начин да го задржиме приматот на најтранспарентна институција во државата, согласно извештајот на Центарот за граѓански комуникации и УСИАД.

Пред три години најавивте дека урнатата спортска сала „Партизан“ ќе ја претворите во култно место во Карпош. Најпрво Општината чекаше Владата да ѝ го предаде објектот, а потоа се правеше проект, па се распишуваше анкета на која граѓаните требаше да го одберат решението. Зошто салата сè уште не почнала да се гради?

– Многу е битно да се нагласи дека после долг процес во кој имаше судски спор, Општината успеа да го врати објектот во свое владение, кој претходно беше на приватен концесионер. Со тоа трајно е загарантирано објектот да биде со намена  Д3-спорт и рекреација. Процесот воопшто не беше лесен, но успеавме наместо како што беше првично со намена станбени згради, намената на објектот да ја вратиме во спорт и рекреација. Невладината организација „Културно ехо“ помогнаа и ангажираа архитекти кои направија идејни решенија. Потоа, од идејните решенија граѓаните го избраа тоа за кое сметаа дека е најдобро и врз основа на него се прави основниот проект кој е во завршна фаза. Потоа, Агенцијата за млади и спорт ќе објави тендер, бидејќи во буџетот и програмата на Агенцијата веќе се предвидени средства за реконструкција на салата. Она што е нов момент, Општината, но и Агенцијата за млади и спорт донесоа одлука до салата да се изгради и затворен пливачки базен. На тој начин нема да имаме само спортска сала, туку ќе имаме спортско-рекреативен центар „Партизан“. Целта е да добиеме „Борис Трајковски“ во мало, поточно во општински формат. И двата тендери ќе се објават летово, а наесен ќе почне изградбата.

Со кои капитални проекти би се пофалиле во Вашиот мандат?

– Имаме реализирано повеќе проекти иако наследивме тешка финансиска состојба. Би ја издвоил изградбата на градинката во Бардовци која згрижува 80 деца. Битно е да се нагласи дека претходно Бардовци и Злокуќани немаа градинка, па децата одеа во градинки во другите населби во општината. Освен тоа, треба да се спомене и доградбата на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2. Таму добивме комплетно нов објект со капацитет за 150 деца. И овој, но и објектот во Бардовци се енергетско-ефикасни. Освен тоа, треба да се наведе и комплетната реконструкција на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, како и комплетно новата сообраќајница, со тротоари, осветлување и подземна инсталација која ги поврзува улицата „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, комплетно нова водоводна мрежа во Средно Нерези и секако спортско-адреналинскиот парк на кејот на Вардар каде има адреналински дел, одбојка и фудбал на песок, детско игралиште и ново зеленило со систем за наводнување. Летово со Градот ќе се заврши останатиот дел од овој рекреативен парк.

Покрај овој, би споменал дека се изградени многу нови паркови, детски игралишта, но и инклузивни за децата со посебни потреби. Битно е да се потенцира дека сево ова е направено во време на пандемија во која општинските служби дезинфицираа училишта, згради, улици, влезови на станбени згради, јавни површини. Тоа беше период во кој помагавме и на старите изнемоштени лица и социјално загрозените и покренавме иницијатива за онлајн образование уште во февруари минатата година. Ако ја гледаме изборната програма, можам да кажам дека сум среќен што не отстапивме и нема да отстапиме од главните цели, а тоа е зелен Карпош.

Дали повторно ќе се кандидирате за градоначалник на локалните избори кои ќе се одржат есенва и со кои проекти ќе се обидете да ги привлечете карпошани да гласаат за вас?     

– Најпрво, во СДСМ во моментов, во тек е постапка за кандидати за градоначалници, но согласно мојот личен став, согласно предлозите, анкетите и партискиот договор што ќе го постигнеме ќе имаме финална одлука за кандидат за градоначалник на Општина Карпош. Повеќе опции се отворени. Едната е повторно да се кандидирам, но постои сериозна шанса да имам повисока функција во централната власт. Во однос на проектите и програмата имаме средби со невладините организации, граѓански групи, коалициски партнери на кои ќе дефинираме Програма и приоритетни проекти и тоа согласно предлозите на граѓаните што ги добиваме и на маалските средби кои континуирано се одвиваат. Се надевам дека и во новата Програма главен акцент ќе се стави на животната средина, како и на продолжување на некои клучни проекти кои, за жал, не успеавме да ги реализираме во овој мандатен период.