Последните десет тони опасен отпад од ОХИС чекаат дозвола за транспорт и уништување во Франција

370

Поранешниот хемиски гигант успешно се чисти од токсичните материи. Досега се отстранети околу 80 тони најразлични токсични хемикалии, како акрило нитрил мономер, метанол, метил акрилат, винил хлорид, хлор, перкадокс и други хемикалии со непознат состав. Останува наскоро да се најде чаре и за последните околу 10 тони опасни материи кои што се спакувани и од март годинава лежат во магацин и чекаат договорен транспорт за да бидат уништени во печка (инселератор) во Лион, Франција. Во тек е процедурата за вадење на нова дозвола за меѓународен транспорт на опасни хемикалии


Опасните хемикалии кои со години беа складирани во резервоари, цистерни, буриња, челични боци и друга амбалажа на отворен и затворен простор во дворот и објектите на ОХИС, и претставуваа потенцијална опасност по здравјето на луѓето и животната средина, успешно се отстрануваат и носат во странство на уништување.

Станува збор за повеќе десетици тони опасен отпад кои што беа препратени во печки за согорување во Германија и Швајцарија од страна на фирмата „Екоцентар 97“ која минатата година беше избрана од доверителите на АД ОХИС во стечај да ги препакува и безбедно да ги изнесе од нашата земја хемикалиите кои останаа заробени во кругот на овој поранешен гигант по неговото затворање.

Досега се отстранети околу 80 тони најразлични токсични хемикалии, како акрило нитрил мономер, метанол, метил акрилат, винил хлорид, хлор, перкадокс и други хемикалии со непознат состав. Останува наскоро да се најде чаре и за последните околу 10 тони опасни материи кои што се спакувани и од март годинава лежат во магацин и чекаат договорен транспорт за да бидат уништени во печка (инселератор) во Лион, Франција.

Во тек е процедурата за вадење на нова дозвола за меѓународен транспорт на опасни хемикалии откако на претходната и истече важноста по што и овие количини ќе бидат извезени за уништување, со што „Екоцентар 97“ за година ипол комплетно ќе го реализира проектот што го презеде за безбедно отстранување на хемиските материи од ОХИС.

Постапката на чистење на ОХИС од хемикалиите почна лани, во април, кога беа реализирани четири од петте планирани извози на хлор кој се наоѓаше во 81 боца и еден контејнер од 2,5 тони. На оваа постапка и претходеше санирање на садовите под притисок со хлор во Србија, каде специјализирана фирма ги поправи оштетените вентили, а потоа откако хемикалијата беше неутрализирана, а садовите исчистени од хлорот, истите беа вратени во ОХИС и потоа извезени надвор од земјава.

На почетокот на годинава, поточно во јануари беа извезени 16,7 тони отпад од метанол и акрило нитрил мономер и 17 тони метанол. Следниот месец во февруари беа отстранети во странство 16 тони опасен отпад од метанол, акрилонитрил и отпад од хемикалии од непознат состав, а во март 14 тони непознати хемикалии. Поради пандемијата со коронавирусот, процедурите за извоз на опасни хемикалии беа оневозможени се до почетокот на октомври кога комплетно беше завршена и постапката за извоз и безбедно транспортирање и на 13-те тони од опасниот винил хлорид мономер кој замина на уништување во инселератор во Германија.

Отстранувањето на огромните количини со канцерогениот линдан кој е помешан со земја во три посебни депонии во ОХИС, не е вклучен во проектот што го спроведува „Екоцентар 97“. За нив надлежно е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Во септември годинава успешно заврши тендерот за избор на изведувач за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан од малата депонија во кругот на ОХИС.

Тендерот се однесуваше само за отстранување на 6.600 тони депониран материјал од малата депонија, од кои 1.600 тони се висококонцентриран отпад, а останатите 5.000 тони се земја со која бил измешан линданот. Отстранувањето ќе трае помеѓу 15 и 18 месеци, а според некои прогнози до три години, додека проектот има рок до крајот на 2021 година. Со оглед на тоа дека процесот се уште не е започнат веројатно е дека тој ќе биде пролонгиран со цел деконтаминацијата да биде целосна и успешно завршена.

Досега се обезбедени неповратни финансиски средства од ГЕФ – Глобален еколошки фонд, за само една третина од работите за чистење на линданот од малата депонија. Останатите две третини од парите треба да ги обезбеди Владата. Успешното завршување на овој проект е тест за Владата, но и знак за донаторите кои треба да дадат пари за чистење на големата депонија со линдан во вид на прав и паста, а која е многу поголем проблем од малата.

Линданот е токсична канцерогена супстанција која го загадува воздухот, почвите и подземните води во Скопје. Во светот е забранет за користење од 2006 година, ставен и на листата Перзистентни органски супстанции според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.

(С.Бл.)