Група од околу 1.000 британски туристи ја тужеа туристичката агенција Туи откако се заразиле со, како што велат, стомачен вирус додека биле на летување на Кејп Верде.
Вкупно 926 туристи кои биле на одмор на таа дестинација биле заразени со стомачни вируси како шигела и салмонела во текот на три години, а некои не можеле да ги напуштат собите со денови поради последиците од болеста, објави Гардијан.
Туристите резервираа аранжмани преку агенцијата Туи. Џетиндер Пол, адвокат специјализиран за случаи на тешки повреди и болести при престој во странство, кој ги застапува оштетените, рече дека само нивниот број е крајно загрижувачки.
„Овие бројки покажуваат дека не се работи за изолирани случаи. Продолжуваме да примаме голем број луѓе со слични искуства, што укажува на загрижувачка слика за болеста која не покажува знаци на прекин“, рече тој и додаде дека ваквите стомачни заболувања можат да предизвикаат долгорочни здравствени проблеми, па дури и смрт.
Според него, токму поради сериозноста на ситуацијата, потребно е да се утврдат причините кои довеле до ваквите појави.