Порно-индустријата процвета за време на пандемијата: На луѓето им недостасува блискост

63

Пандемијата со ковид многу ни го промени животот и начинот на кој гледаме на нештата. Меѓу другото и на сексуалноста.

Така половина од возрасните во Велика Британија гледале порно за време на пандемијата, вели Офком. Истражувањето покажува дека ПорнХаб има поголема публика од Би-би-си Вести, а луѓето се повеќе животот си го живеат онлајн.

До овој момент најпопуларниот порнографски интернет сајт ПорнХаб, бил посетен од 50 отсто од сите мажи во Британија и од 16 отсто од жените и тоа само во септември 2020 година, пишува Гардијан.

Медиумскиот регулатор Офком дошол до заклучок дека 26 милиони лица гледале видео материјали за возрасни тој месец, а од нив 15 милиони биле на сајтот на ПорнХаб. Тоа не само што ја надминува гледаноста на државната телевизија туку и на другите британски популарни ТВ канали.

Во четирите недели за време на кои траело истражувањето, Офком заклучува дека порно каналите се многу попосетени од помладата возрасна популација, односно три четвртини млади мажи гледале содржини на ПорнХаб, како и една третина од младите жени. Офком ја цитира анализата на ПорнХаб според која секој британски посетител на сајтот поминал во просек 10 минути и 20 секунди што е време на кое би му позавиделе многу онлајн медиуми.

Овие бројки ги има во годишниот извештај на Офком за корисниците на онлајн медиумите во земјата, извештај кој традиционално се фокусира на мејнстрим сајтовите како Фејсбук и Јутјуб. Но, годинава регулаторот одлучи да го прошири истражувањето и да вклучи порнографски сајтови оти тие наскоро ќе бидат под контрола на ова тело, а со цел онлајн безбедност.