Поранешна соработничка на Меланија Трамп откри „незгодни детали од Белата куќа“

    58

    Мемоарите на поранешната соработничка на првата дама на САД, Меланија Трамп, открија незгодни детали за Белата куќа во пресрет на изборите на кои нејзиниот сопруг Доналд Трамп ќе бара нов мандат на чело на Америка, пишува Би-Би-Си.

    Во книгата „Јас и Меланија“, Стефани Винстон Волкоф тврди дека за време на нејзиното поранешно пријателство со Меланија, била сведок на „лаги“ и „измами“.

    Белата куќа ја нарече книгата „бизарно искривување на вистината“.

    Винстон Волкоф со години работеше за магазинот „Вог“, организирајќи социјални настани за нив, а во својата книга ги опишува тензиите меѓу г-ѓа Трамп и нејзината ќерка Иванка, која Меланија, наводно, често ја нарекува „принцеза“.

    Во книгата се вели дека Меланија, љубителка на емотикони, еднаш и испратила на авторката СМС порака во која ги претставила Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер како змии, јавува Би-Би-Си.

    Винстон Волкоф изјави дека нејзиното 15-годишно пријателство со Словенката завршило пред две години откако првата дама ја „издала“ бидејќи не сакала јавно да ја брани од обвинувањата за финансиски малверзации за време на организацијата на инаугурацијата на Трамп.

    Таа напишала дека чувствува дека била „прободена одзади“ од личност која во меѓувреме многу се променила.

    Портпаролката на првата дама одговори дека „книгата не само што е полна со недоверба и параноја, туку е заснована и на некоја имагинарна потреба за одмазда“.

    „За жал, тоа е длабоко несигурна жена чија потреба да биде релевантна и пркоси на логиката“, вели таа.

    Винстон Волкоф, исто така, дава детали за приватниот живот на двојката, како и за инцидентот кога Меланија го слушна видеото на Access Hollywood во кое нејзиниот сопруг се фали дека „ги фаќа жените за меѓуножјето затоа што е славен“.

    „Таа блескаше и се смешкаше. Како ништо да не се случило“, пишува авторот.

    „Таа знаеше со кого се омажи. Таа знаеше во што се впушта, а и тој“, заклучува Винстон Волкоф.