Поранешната касарна „Илинден“е една од трите можни локации за изградба на новиот клинички центар. Како што вели  министерот за здравство  Беким Сали во опција е и локацијата во Ѓорче Петров, како и локација во близина на постоечка болница. Во јавноста се зборува дека се работи за просторот до градската болница  “8 Септември” . Според него конечниот избор ќе зависи  од катастарските услови и логистиката на локацијата, како и од политичкиот момент, за кој веќе имале усогласеност.

-Иницирав работна група и од опозицијата и од позицијата во политичкиот дел да имаме усогласеност во јавната расправа која во минатото била главна пречка за нереализирање на тој проект. Начелно надмината е таа пречка, но сега сме до фаза на избор на локација, која  во делот на катастарскиот дел  треба да има постоечка логистика, да не трошиме дополнителни средства за оддалеченост која во минатото  исто така била предмет на дискусија и блокирање. Локациите засега се уште се Ѓорче Петров, касарната Илинден и уште една трета локација во која има постоечка болница, каде треба да има  надградување и проширување на дејноста-објасни  министерот Сали.

Според Сали засега нема временска рамка во која треба да се усогласат ставовите за новата локација за клинички центар. Тој потсети дека за изградба на нов клинички центар се зборува 17 години. Со  неговата изградба ќе се надминат сегашните маки кои ги имаат пациентите со препраќање од една на друга клиника, оти сите потребни здравствени услуги   ќе добијат на едно место.

Во врска со Законот за новиот Клинички центар, рече дека засега изгледа тој ќе биде повлечен, меѓутоа се уште не донеле финална одлука

В.Ма.