„Поради џезот“ – изложба на фотографии на Оливер Белопета

30

Во галеријата на МКЦ вечерва ќе биде отворена изложба на фотографии на Оливер Белопета насловена „Поради џезот / Because of Jazz“.

Оваа изложба, под кураторство на Жига Коритник, беше поставена во 2017 година, во галеријата на Цанкарјев дом во Љубљана. Станува збор за селекција од 30 дела од богатата ризница фотографии на Оливер Белопета, направени во периодот од 2009 до 2016 година, на различни локации и музички фестивали ширум светот.

Изложбата, дополнета и повторно курирана од Жига Коритник, а реализирана во соработка со Младинскиот културен центар и Скопскиот џез фестивал, ќе биде поставена во галеријата на МКЦ до 23 декември.

-Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн, јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почуствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на Љубљанскиот џез фестивал во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, коишто покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер, вели фотографот Жига Коритник.

Според новинарот Ичо Видмар, само еден краток поглед кон фотографиите на Оливер Белопета од бројните светски подиуми ја открива токму таа сјајна разноликост и непредвидливост на музицирањето, на хетерогеноста на талентот што тој умее во целост да ја почитува и да ја промовира на неговите концерти.