ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА, Фолк-дивата Виолета Томовска ги одложи концертите за 60-години кариера

229

Концертите во Скопје и во мојата Битола ќе ја заокружат мојата кариера, од скоро цел еден век, еден убав живот, сè што сум преку песната поминала, што сум пеела и доживеела на естрадата. Но сега ќе чекам поради заштита од коронавирусот што можам друго. Не ја губам надежта, вели Томовска за весникот ВЕЧЕР

Македонската фолк-дива Виолета Томовска поради корона пандемијата и здравствената заштита, а и самата за да си го заштити своето здравје (кое во едно дамно поранешно време и беше нарушено) дефинитивно ги одложи своите славенички солистички концерти кои по повод 60 години од нејзината богата, блескава, пејачка кариера требаше да се одржат до крајот на годината.

– Се разбира дека со тие настапи сакав онака како што приличи да го одбележам мојот голем јубилеј и овде во нашето Скопје и во мојата Битола. Ред си е ред, нели, раскажува Виолета за весникот ВЕЧЕР.
Виолета истакнува дека во целата ситуација е сепак најважно да си го сочуваме здравјето, но и нервите кои на многумина луѓе им се при крај.

-Ќе чекам што можам друго. Не ја губам надежта. Се надевам дека концертите ќе ги сними и нашата национална Македонска телевизија, како што тоа го прават странските телевизии со своите легенди. Концертите во Скопје и Битола ќе ја заокружат мојата кариера, од скоро цел еден век, еден убав живот, се што сум преку песната поминала, што сум пеела и доживеела на естрадата, а има безброј многу настани и песни кои не се забораваат, но за сите нив се разбира нема толку простор.

Сепак жално е единствено тоа што јас со мојата скромна пензија не можам финансиски да ги проследам тие концерти, па ќе има помош од спонзорите и се надевам од нашето Министерството за култура кое треба да ги помага нас пејачите што сме, што се вели на „зајдисонце“.

Виолета не е од оние што ги претпочита онлајн концертите, вели дека тоа е наметнато само по себе со оглед на коронавирусот.
-Не ги потценувам тие настапи на моите помлади колеги, ама признавам само пеење во живо на сцената пред публиката, пред преполни сали. Само жив контакт со луѓето е тоа вистинското кое треба да го доживее секој пејач. Мене грлото се уште ме држи, уште сум во пејачка сила и одвај чекам да помине пандемијата да застанам со микрофон во рацете и да ги запеам песните кои ја одбележале мојата кариера и воопшто македонската фолк-сцена.   Дуле Миќиќ