Поради неплатен ДДВ, новите еко-автобуси останаа во гаражите

410

– Побаравме од Министерството за финансии да бидеме ослободени од плаќањето на ДДВ за возилата, односно да ни дозволат да се пребиеме со средствата кои ќе треба да ги добиеме по основ поврат на ДДВ, имајќи предвид дека ЈСП како голем даночен обврзник од платениот данок на државата добива поврат на ДДВ. Но, за жал, на барањето не добивме позитивен одговор, одобрување, велат од претпријатието за весникот ВЕЧЕР

 

Поради неплатен ДДВ на државата за увезените возила, јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) не може да ги пушти во редовен сообраќај новите пристигнати 16 возила на гас, а и овие што се очекуваат да пристигнат.
Како што информираат од ЈСП, поради актуелнава ситуација со ковид-19, се соочуваат со финансиски тешкотии во работењето, при што бележат загуба од околу 4,5 милиони евра.

– Од тие причини побаравме од Министерството за финансии да не ослободат од плаќањето на ДДВ за возилата, односно да ни дозволат да се пребиеме со средствата кои ќе треба да ги добиеме по основ поврат на ДДВ, имајќи предвид дека ЈСП како голем даночен обврзник од платениот данок на државата добива поврат на ДДВ. Но, за жал, на барањето не добивме позитивен одговор, одобрување. Од тие причини, поради неплатениот ДДВ за возилата, истите не можеме да ги пуштиме во сообраќај и стојат паркирани во гаража – образложија од претпријатието за весникот ВЕЧЕР.

Тие се надеваат дека надлежните ќе имаат разбирање, ќе се премислат и ќе им излезат во пресрет, имајќи ја предвид основна дејност на претпријатието, која е во интерес на граѓаните.

Министерката за финансии Нина Ангеловска за порталот „Сакам да кажам“ изјави дека за ова прашање било разговарано на владина седница.

– Разбирам дека претпријатието поради кризата има тешкотии во работењето, но ако ослободиме едно претпријатие од оваа обврска тогаш и други ќе бараат. Автобусите се царинети, па му овозможивме друга флексибилност на ЈСП, односно наместо за 30 дена, му дадовме подолг рок да го плати ДДВ – изјави Ангеловска.

Досега во гаражите на ЈСП во Автокоманда се наоѓаат 16 автобуси, а денеска се очекува да пристигнат уште девет. Воедно, завршен е делот и од предвидената обука на возачите за управување со новите автобуси. Обуката ја вршеше сертифицаран возач од Хрватска од каде се и автобусите и досега се обучени педесетина возачи.

Новите автобуси се соодветно подготвени во согласност со состојбата со коронавирусот. Обележани се седиштата каде што не смее да се седи, а и подовите каде што треба да се стои за да може да се одржува физичко растојание меѓу патниците.

За тоа дали се почитуваат мерките на заштита, минатата недела ЈСП и СВР Скопје, спроведоа две акции, една во делот кај Влае, кај мостот „Влајко“, додека другата во Автокоманда. Притоа, при првата контрола, за два часа, колку што траеше таа беше констатирано дека 20 лица во автобусите не носеле маски, додека во втората акција пет лица кои биле опоменати.

Неделава се планирани уште две заеднички акции со СВР Скопје, едната во реон Драчево, а другата на подрачје на Чаир.

– Генерално, впечатокот е позитивен, односно сè уште незначителен број корисници на јавниот превоз не ги почитуваат мерките – потенцираат од ЈСП.

(А.П.)