Не сум бил во врска со внуката на Ребека, само на спот. Тоа се чаршиски муабети и бујна фантазија на луѓето. Нема ни ронка вистина. Ние бевме само дечко и девојка во спотот во кој сме разголени, нели тоа беше еден убав летен спот сниман по плажите и тука завршува целата приказна. Потоа луѓето си земаа за право да си ја прошират приказната. Но ако де, естрада е тоа, вели Филип 

Дуле МИЌИЌ
Фото:Бојан Стоилковски

Иако е дел од познатиот музички бенд “Арија“, Филип Пешовски истовремено работи, и тоа успешно, на својата соло кариера. А, доаѓа од Факултетот за музичка уметност што значи дека музички е писмен. Кога летово нацијата пријатно ја изненади и со спотот и со песната “Без оглед на се“ на Филип Пешевски сите му предвидувале блескава кариера. И не згрешиле во тоа. Но неговите почетоци датираат и од “Валандовскиот фолк-фест“ кога се обиде и во водите на народната песна, па сè до минатогодишниот “Макфест“ на кој ја испеа песната со интересен наслов “Кукло моја несудена“. И сè си течеше во најдобар ред, до оној момент кога во јавноста исплива еден (незаборавен) скандал во кој Филип се најде поради палавоста на некоја негова огнена обожавателка. За среќа, добро се заврши.
-Памтам, тоа беше во ТЦ “Беверли Хилс“, поточно во тоалетот во кој ме начека пијаната девојка, после мојата вечерна свирка, а која ни не знаеше што прави. Во таква пијана состојба инсистираше да водиме љубов. Се разбира дека ја одбив и си заминав истиот момент, а таа остана плачејќи по мене што желбата не и ја исполнив, вели Филип.

0Навистина како се справуваш со популарноста која од ден во ден ти е во постојан подем?
-Во зависност од ситуацијата, така реагирам. Не можам да речам дека популарноста не ми годи иако кога си популарен доживуваш и непријатни моменти, како што беше тој со пијаната девојка, која кога се отрезнила сфатила што направила. Немам јас проблеми со моите фанови, сите се фини и културни, ме почитуваат и ги сакаат моите песни. Кога ќе завршам со настапот ми приоѓаат, сакаат да се сликаат со мене, сакаат да направиме муабет. Нема невоспитани. Веројатно затоа што јас не глумам некој вообразен пејач, нема потреба од тоа.

0Колку има вистина во оние муабети дека си бил во куса врска со Кјара Гоља, која е заедно со тебе во спотот за хитот “Без оглед на се“, инаку внука на пејачката Ребека и ќерка на Хелена Роза (сестрата на Ребека)?
– Токму така, без оглед на сè, на сите озборувања за нашата наводна врска, само ќе кажам дека се тоа чаршиски муабети и бујна фантазија на луѓето. Нема ни трошка вистина во тоа. Ние бевме само дечко и девојка во спотот во кој сме разголени, нели тоа беше еден убав летен спот сниман по плажите и тука завршува целата приказна. Потоа луѓето си земаа за право да си ја прошират приказната. Но ако де, естрада е тоа, не е банка или шпедиција, па ако не се озборува и трачари би било здодевно. Трачарењето на естрадата ја подгрева атмосферата околу популарноста!

0Со овие новите провокативни фотографии на кои си премногу разголен повторно им ја разгреваш фантазијата на фановите, се подразбира на девојките кои под тие слики оставаат многу храбри коментари, па дури и за брак ти се нудат.
-Хахахахааа, ако, ако, со тоа целта е постигната. Зошто да не направам такви фотографии. Воопшто не се вулгарни, напротив, многу се секси, еротски. Кога ќе се соблекувам ако не сега додека сум млад и додека имам убаво градено тело. Не е само да се пее, мора нешто и да се види. Визуелниот дел е исто толку битен на естрадата, и на самата сцена, колку и песната. Само вежбање, многу работа на себе и давање искрена љубов на публиката, доколку нема љубов, нема ни успех. А, за брак ми е рано, не се врзувам така лесно. Пребирлив сум!

0Дали имаш чувство на латино заводник, бидејќи според изгледот те споредуваат со српската пејачка ѕвезда Саша Ковачевиќ кој исто така води грижа за своето тело?
-Латино заводник сигурно не сум, но сигурно е дека здраво живеам, здраво се хранам и секогаш сум одлично расположен. Значи кај мене е одлична спојка на физичкото и духовното што е многу важно да можам здраво да функционирам не само на естрадата туку и во животот. Убаво е тоа што луѓето ме споредуваат со Саша Ковачевиќ, кој е исто така пример како треба да се грижиме самите за себе. А, дали е Саша латино заводник, немам појма, кога ќе се видиме ќе го прашам.

0И едно неизбежно прашање:Како ја пребродуваш кризата со коронавирусот?
-Како и целата нација, целата планета. Нема журки, нема настапи, нема концерти, за жал. И уште за поголема жал, крајот не се гледа. Мораме да се вооружаме со големо трпение и да му бидеме благодарни на бога што не сме на улица, што имаме што да јадеме, што сме во топло, што сме свесни за ситуацијата, па знаеме што смееме а што не смееме да правиме. Верувам дека се ќе биде ОК, животот мора да продолжи и ако како човек многу жалам и сочувствувам за секој изгубен живот во оваа никогаш официјално прогласена некоја нова светска војна со невидливиот непријател.