Балканската музичка поп ѕвезда Жељко Јоксимовиќ сепак нема да настапи на најголемата културна манифестација во земјава “Охридско лето“. Ова го потврдува и директорката Наташа Поповиќ.

“Настапот на Жељко Јоксимовиќ кој деновиве предизвика низа реакции во јавноста беше дел од работната верзија на програмата на Охридско лето. Како Национална установа официјалната програма ја соопштуваме на прес конференција  која за јубилејното издание ќе ја одржиме деновиве. За жал нацрт верзијата, која напоменувам не е конечна, деновиве се најде на социјалните мрежи со што одредени личности ја злоупотребија искажувајќи револт и бес без притоа да пофалат или во најлмала рака да напоменат дел од другите уметници кои се најдоа на истата работна верзија, а се врвни уметнички имиња. Нема да судиме ниту да бараме причина зошто некој пред почетокот на ова јубилејно издание сакаше да ја омаловажи успешната традиција на највредниот фестивал кој го имаме. Остануваме посветени на финалните подготовки за почетокот на Фестивалот кој годинава поради Пандемијата Ковид 19, ќе биде на 4 август. Јавноста за брзо време ќе биде известена кои музички имиња и театарски претстави ќе го одбележат Охридско лето 2020 година. Она што можам сега да го кажам е дека Жељко Јоксимовиќ нема да биде дел од програмата“, вели во сооопштението до медиумите Поповиќ.

Според неа, направени беа само првични преговори и не е потпишан договорот. 

“Повторувам преговорите беа Јоксимовиќ да настапи во дополнителната програма, што фестивалот секоја година ја има покрај официјалната, во која се класичната музика и театарот. Што се однесува до бројните коментари кои ги преплавија социјалните мрежи деновиве, сметам дека она што за многумина овој концерт беше естрада  е само нивно лично незадоволство. Концертот насловен како „Два света“ со синфониски оркестар од Белград, членови на белградската филхармонија, за познавачите на уметноста има вредност“, додава Поповиќ.