Иако два дена по ред врне снег на Попова Шапка се уште нема услови за скијање на терените на овој скијачки центар. Причината е силниот ветер што го разнесува снегот.

– Врнеше снег два дена интензивно, но уште посилен е ветерот. Имаме информација дека ветерот достигнува и до 75 километри на час што е причина да не може да се задржи на ски терените. Секој ден врнеа по 20-тина сантиметри. На некои места каде се задржани наноси од снег има покривка и повисока од 40-тина сантиметри, изјави директорот на скијачкиот центар „Попова Шапка“ подружница на ЕЛЕМ Турс, Живе Алексовски.

Доколку се стабилизира времето односно намали ветрот и има нови снежни врнежи уште во текот на наредниот ден би можело да се скија на Попова Шапка.

-Машините за подготовка на снегот може веднаш да излезат на терените и за кратко време да ги оспособат, само да се нормализира времето и да не ја одвее снежната покривка. За почеток може да се вклучат шест од ски-лифтовите Поток 1, Поток 2, Свети Илија, Ајдучка рамнина, Аеродорм и Церипашина. Покрај повеќе снег за новата шестоседна жичница треба употребна дозвола од министерството за транспорт и врски, истакна Алексовски.

За да се пуштат во употреба ски-лифтовите за скијачи потребни се најмалку 30-тина сантиметри снег. Оние кои веќе набавиле ски карти истите ќе може да ги употребат.