Утре во Собранието ќе започне седницата за избор на новиот состав на владата, и доколку сè оди по планот, Македонија од понеделник ќе има нова Влада на чело со Димитар Ковачевски. Помалите коалициски партнери за поддршка на новата влада и владината програма побараа промени во изборниот законик, кои ќе им овозможат подобри можности за успех на следните парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ повторно ги повикаа ЛДП, ДОМ и ДС да престанат да служат за поддршка на криминалот на СДСМ-ДУИ.

„ЛДП, ДС и ДОМ по нивна слободна одлука се пајтон партиите кои служат за покривање на криминалот на СДСМ И ДУИ. Досега од ветувањата за една изборна единица, отворени листи и други нивни декларативни заложби не добија ништо од СДСМ и ДУИ, напротив тие продолжија да го штитат и да служат како закрилник на криминалот на СДСМ и ДУИ кој се одвива на големо. Токму затоа останувањето во коалиција на централно ниво значи само продолжување и поддршка на криминалот и корупцијата од владата на пионот на Заев, Ковачевски, предводена од ДУИ, а поддржана од ЛДП, ДОМ и ДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, се чини дека засега овие партии сепак остануваат како поддржувачи на владината коалиција, иако се погласно бараат промена на изборните правила. Пратеникот од ВМРО-НП, Љупчо Балковски, еден од потписниците на писмото со кое помалите коалициски партнери од власта бараат што побргу да се свика седницата за измени на изборниот модел, денеска рече дека ова не значи уцена за поддршка за владата на мандатарот Ковачевски.

-Важно е во Собранието да почне расправата за промена на изборниот модел. Не сакаме тоа да се сфати како уцена од помалите партии дека еве поголемите нешто нам ни даваат, туку станува збор за демократизација на општеството. Битно е поголемите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, еве и ДУИ да постигнат консензус дека со ова се унапредува демократијата. Сметам дека и ако не постигнат консензус, Џафери треба да ја свика седницата, да почне расправата и да се гласа. Така ќе биде јасна политичката ситуација, кои се позициите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ за промена на изборниот модел – појасни  Балковски.

Во средата малите политички партии преку писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, побараа во најкус можен рок да се закаже пленарна седница и да почне расправата за измените на Изборниот законик. Тие потсетија дека Предлог-законот за измени е доставен уште на 5 март 2021 година и дека тој е ставен на дневен ред на седницата закажана за 18 мај, но оти досега не е почната расправата.

-Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по Предлог-законот. Инаку, со промените се предлага Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг, се наведува во барањето.

Барањето е потпишано од пратениците Павле Трајанов (ДС), Маја Морачанин (ДОМ), Моника Зајкова и Боби Мојсоски (ЛДП), Љупчо Балкоски (ВМРО-НП) и Бејџан Иљас од ДПТ. Ако во рок од три месеци не се донесат измените на Изборниот законик, најавуваат дека тоа ќе значи крај на нивната поддршка на Владата.

Новата Влада, што треба да ја предводи Ковачевски, ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе – министер без ресор за дијаспора, место што ѝ припадна на Алтернатива.

Новото парламентарно мнозинство на коалицијата на СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието, а за да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник.

Ако засега помалите коалициски партнери остануваат со поддршка за новата влада, останува да се види колку таа ќе трае и дали мандатарот Ковачевски откако ќе стане премиер ќе успее да ги задоволи нивните барања за да обезбеди стабилно парламентарно мнозинство до крајот на мандатот во 2024 година.

(И.С.)