Свежо цвеќе на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу

265

По повод одбележувањето на 76-годишнината од загинувањето на народниот херој Кузман Јосифовски-Питу, делегација на Град Скопје составена од Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ, секретар на Град Скопје и Антонио Павловски, кабинет на градоначалник, вчера положи цвеќиња на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу ѝ му оддаде почит на ликот и делото на народниот херој, еден од главните организатори на антифашистичкото движење.

Цвеќиња на споменикот положија и делегации од Oпштина Карпош, од Сојузот на борците на Македонија на Oпштина Карпош и Град Скопје, како и претставници од основните училишта во општината.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, имаше свое поздравно обраќање, а за животот и делото на народниот херој говореше претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

– Кузман Јосифовски-Питу бил еден од поактивните членови на културно-просветното друштво Вардар, каде што заедно со преостанатите студенти го организирале културно-забавниот живот на студентите, но и на работниците печалбари од Македонија. По забраната на друштвото, Кузман станал дел од МАНАПО, прифаќајќи ја неговата политичка платформа (програмски документ), во чија основа била определбата за јакнење на националната свест, за афирмација на македонскиот јазик, за демократизација, за соработка со сите организации и друштва, кои не ја негираат нашата етничка посебност и за запирање на монархофашистичкиот режим – нагласи Јанчева.

Таа додаде дека убиството на Кузман Јосифовски-Питу, кој бил застрелан во близина на местото на кое некогаш се наоѓала фабрика Алумина, во Козле, нанело ненадоместлива загуба и во партиското и во военото раководство во периодот кога НОАВ бил во подем, кога ГШ го реализирал Февруарскиот поход.

– Завршувајќи го ова мое денешно обраќање сакам да истакнам дека иако Кузман Јосифовски-Питу живеел само 29 години, тој нам ни оставил извонредно темелна и историски употреблива писмена оставштина – резимираше Јанчева.