Рускиот вицепремиер, Александар Новак изјави дека половина од купувачите на природен гас од „Гаспром“ отвориле сметка во „Гаспромбанк“ за плаќања во рубљи.
– Има 54 големи, средни и мали компании кои имаат договори со Гаспром експорт. Колку што знам, половина од овие клиенти отворија сметка во рубљи. Конечниот список на оние кои прифаќаат и не прифаќаат плаќања во рубљи ќе биде познат во наредните денови – изјави вицепремиерот на Русија.
Новак истакна дека морале да се префрлат на системот на плаќање на природен гас во рубљи за да се обезбедат приходи од извоз.
На 1 април, Русија донесе декрет со кој се предвидува дека земјите „непријатели“ треба да отворат сметки во „Гаспромбанк“ и да ги плаќаат своите нарачки во рубљи.
Зборувајќи за односите меѓу Русија и западните земји во енергетскиот сектор, тој посочи дека гасоводот Северен тек 2 е замрзнат од политички причини.
– Мислам дека нема да профункционира во блиска иднина поради овие политички причини. Сепак, на европските потрошувачи им требаат евтини извори на енергија со ниска содржина на јаглерод, вклучително и природен гас. Мислам дека ќе има побарувачка за овој проект во иднина – изјави Новак.
Тој рече дека руското производство на нафта е намалено за еден милион барели дневно во април.
– Но, во мај го зголемивме производството за 200 до 300 илјади барели дневно“ – објасни Новак, и истакнал дека американското производство на нафта се очекува да се зголеми за еден милион барели дневно оваа година, но дека ова зголемување е помало отколку во минатото.
„Гаспром“ ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија кон крајот на април, откако двете земји одбија да платат во рубљи.
Италијанскиот енергетски гигант „Ени“ во средата објави дека процесот на отворање сметка во „Гаспромбанк“ е започнат без промена на актуелните договори. Од „Ени“ наведуваат дека тоа го направила на еднострано барање на „Гаспром“ и во согласност со процедурата за плаќање гас воспоставена од Руската Федерација.