Полицијата во Ереван, главниот град на Ерменија, денеска ги приведе демонстрантите кои почнаа да ги блокираат централните улици на градот, пренесува ТАСС.
Уапсени се повеќе од 10 демонстранти кои тргнаа од плоштадот на Републиката за да ги блокираат централните улици, а ситуацијата во моментов е мирна, наведува руската агенција.
Дел од демонстрантите останаа на Плоштадот на Републиката во близина на зградата на Владата, каде бараат оставка од премиерот Никола Пашинјан поради настаните во Нагорно Карабах.
Вчера беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските војници во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци.
Договорот е постигнат со посредство на рускиот мировен контингент, откако официјален Баку започна „антитерористичка операција“ во Нагорно-Карабах за враќање на уставниот поредок во областа под контрола на ерменските сепаратисти.
Жителите на главниот град на Ерменија излегоа на улиците да протестираат пред зградата на ерменската влада, обвинувајќи го раководството на земјата и премиерот Никол Пашинјан за оваа ситуација.