Полесно ќе се дише, нема маски на отворено!

267

КРИЗНИОТ ШТАБ ГИ ПРИФАТИ МЕРКИТЕ НА КОМИСИЈАТА, НА ПОТЕГ Е ВЛАДАТА

Останува мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори. На летните тераси  треба да се дозволи свадби до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу гостите. За љубителите на спортот се препорачува да се дозволи присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено, но само до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Се препорачува да остане да важи мерката за полициски час до 15 јуни годинава.

Од утре се очекува да стапат на сила олабавените мерки за заштита од ковид-19 кои Главниот координативен кризен штаб ѝ ги предложи на усвојување на Владата, а по препорака на Комисијата за заразни болести. До предлогот за олабавување на мерките придонесе моменталната поволна епидемиолошка состојба со коронавирусот во земјава, која се карактеризира со намалување на  бројот на нови случаи во изминатите 14 дена, но и намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.

Една од мерките е да се укине носењето на заштитни маски на отворено, но со препорака маските да се носат кога лицата се во поголема група. Останува мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори. Препорака е да се укине мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од 4 лица.

За љубителите на спортот се препорачува да се дозволи присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено, но само до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Публиката задолжително треба да го почитува растојанието од 1,5 до 2 м или три седишта растојание еден меѓу друг.

На новите брачни парови конечно им се дозволува да направат веселба, односно треба да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор. На летните тераси треба да се дозволи до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу гостите. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол. Тоа значи дека ора нема да има, само младенците ќе можат да го изиграат свечениот валцер.

Промени има и кај редовното работење на угостителските објекти, се зголемува бројот на лицата кои можат да седат на една маса од четири лица на шест, со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу нив. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина, но останува да важи мерката за полициски час до 15 јуни годинава.

Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе биде дозволена и организација на ваков тип настани.

– Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките – велат од Министерството за здравство.

Во Скопје активни 484 случаи, а во Дојран и Демир Капија нема заболени 

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје во моментов во земјава активни се 1.150 случаи на заболени од ковид-19. Сè уште најголем број на новозаразени лица се бележи во Скопје и тоа 484 заразени. Според последните податоци, во Дојран и Демир Капија нема ниту еден активен случај. Во изминатиот период некои ковид-оддели беа затворени и беа вратени во функција на нивната првобитна намена.

Од почетокот на епидемијата досега во земјава од ковид-19 се заразија 155.272 лица, оздравеа 148.709, а починаа 5.413 лица.

Бројот на заразени со коронавирусот опаѓа и во земјите од регионот, при што Македонија има најмал број на заразени на дневна основа, но сè уште е висока смртноста во однос на бројот на жители.

Во светот од почетокот на пандемијата потврдени се 171.037.054 случаи на коронавирусот, а од последиците на вирусот починале 3.556.800 пациенти. Се опоравиле 153.139.967 лица, а во моментов се активни 14.340.287 случаи.

Д-р Олумчев: Олабавувањето на мерките ќе е индикатор дали стекнавме имунитет

„Бројките кажуваат дека нешто се случува во светски рамки, првпат глобално се соочуваме со непозната работа. Крајот се наѕира, што е знак дека нашата популација стекнала имунитет. Би било добро да почекаме еден до два месеци, па да видиме како ќе се однесуваме и ние, но и вирусот. Епидемиолошки сценарија се две – ако е прикриен вирусот може да се појави бран по одморите, но се надевам дека нема да биде така, се надевам дека ковид-19 ќе влезе во сезонски болести како грипот. Понатаму очекуваме појава и на други вируси, брзиот трансфер на патници ја носи таа опасност. Вакцинацијата тече одлично кај нас, како мала земја здравствениот систем ја прави вакцинацијата одлично. Бев скептик дали народот ќе ја прифати вакцинацијата, но сум пријатно изненаден. Ако стекнеме имунитет до Нова година – тоа би било одлично. Базичниот индекс на заразени падна по 1, логично е мерките да се олабават. Комисијата за заразни болести одлично ги предвиде сите работи. Ако по 20 дена се појави покачување на бројките, тогаш тоа ќе е индикатор дека го немаме имунитетот“, вели д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во Студио 10 на ТВ24.

Д-р Кон: Колективен имунитет само со над 70 отсто вакцинирани

Слични се размислувањата на познатиот српски епидемиолог д-р Предрак Кон кој вели дека колективниот имунитет ќе се постигне само ако бројот на вакцинирани достигне над 70 отсто од вкупната популација.

-Во Србија, но и во регионов, во моментов опаѓа бројот на заболени само каде што има масовна вакцинација. Постојат теоретски можности вакцинираните луѓе во некое идно време да можат покомотно да се однесуваат – вели д-р Кон за Прва српска телевизија и дополнува дека иако колективниот имунитет постојано расте, сепак мерките за заштита од коронавирусот не треба да се заборават, тие треба да се почитуваат и во иднина. 

(В.Ma.)