Репрезентативецот на Бразил, Неимар, пред четири години ги напушти редовите на каталонскиот гигант Барселона и за рекордни 222 мил. евра беше продаден на вицешампионот на Франција, тимот на ПСЖ. И денеска, Неимар е сопственик на епитетот најскапо купен играч во фудбалската историја и играч кој е еден од најскапо платените на денешницата.
Француските медиуми веќе открија дека Бразилецот на „Паркот на принцовите“ има годишна плата од 37 мил. евра, но тука не се вклучени бонусите кои Неимар ги добива од клупските сопственици.
Без дилема, најбизарна од сите клаузули, кога се во прашање договорените бонуси, е таа дека Неимар месечно ќе добива дополнителни 541.680 евра поради неговото етично однесување.
Според таа клаузула, сега веќе втората најголема ѕвезда во Париз, тој епитет сега е во сопственост на аргентинскиот интернационалец Лионел Меси кој ова лето ги засили редовите на ПСЖ, мора да се однесува љубезно и пријателски кон најверните фанови на популарните „светци“ и сега мора да биде на располагање доколку истите од него побараат автограм.
Исто така, во неговиот богат договор има уште една клаузула според која Неимар ќе добие паричен бонус доколку јавно не ја критикува играта на тимските колеги за време на натпреварот.
Ако се направат сите проценки, тогаш лесно ќе се дојде до заклучок дека Бразилецот во изминатите четири години од ПСЖ има добиено околу 500 мил. евра, што преку платата, што преку бонусите.