Заокружување на процесот на уставните измени, членство во НАТО и почетокот на пристапните преговори со ЕУ, и претседателските избори се настаните кои се очекува да ја обележат новата 2019-та за Република Македонија.
Веднаш по новогодишните и божикните празници на 9 јануари е закажана собраниската седница на која треба со двотретинско мнозинство да бидат усвоени уставните амандмани, со што завршуваат обврските од Преспанскиот договор за Македонија, а процесот ќе се префрли во Парламентот на Грција.
Премиерот Зоран Заев во повеќе наврати изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандамни и дека процесот ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година. Истакна дека има 76 гласови за уставните измени, но дека се надева дека може да има и повеќе 80.
Од грчката страна исто така стигнуваат силни уверувања дека Договорот ќе биде ратификуван во Парламнетот, за што е потребна поддршка од најмалку 151 од вкупно 300 пратеници. Проценките во Атина се дека договорот во нивниот Парламент може да дојде кон крајот на февруари или почетокот на март. Истовремено со ратификацијата на Договорот од Преспа грчкиот Парламент ќе биде и првиот законодавен дом од членките на НАТО што ќе го потпише Протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата.
Претседателот на македонсото Собрание Талат Џафери најави дека заедно со Законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците ќе ги испрати во „Службен Весник“ без потпис на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Смета дека никој не смее да ја попречува волјата на Собранието.
На почетокот од февруари месец, поточно на 2 или 3 февруари, се очекува Џафери да ги распише изборите за претседател на државата. Веќе се појавија и калкулации за можни кандидати за претседател. Од владеачката СДСМ соопштија дека се уште не ја започнале внатрепартсиката процедура за избор на кандидатот. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак најавија дека најдоцна до 11 јануари партијата ќе го објави огласот за пријавување кандидати за претстојните парламентарни избори, а на 16 јануари ќе се знае кои се кандидатите. Нивниот кандидат ќе го изберат на 16 февруари на партиската конвенција.
Годинава Македонија треба да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи минатиот викенд изјави дека и покрај тоа што постои песимизам дали сме ние подготвени, сепак, се повика на изјавата на еврокомесарот Хан дека Македонија може заедно со Србија и Црна Гора да го фати рокот и заедно со нив 2025-та како временска рамка за пристапување во Унијата. Поради изборите за Европскиот парламент истакна дека е можно Извештајот на ЕК за државата да биде објавен подоцна од април, кога е вообичаениот термин, што вели, создава техничка дилема и во однос на датумот за преговори. Сепак, се очекува дека ќе има доволно време по објавувањето на Извештајот тој да биде верификуван во земјитече членки на Унијата пред самитот на ЕУ на кој ќе се носи одлуката за отпочнување на преговорите.
Паралелно, се одвива и скринингот и формирањето на преговарачките структури, а веќе се поминати и неколку поглавја во Брисел. Но, клучни за евроинтеграците се реформите преточени во Планот 18,со фокус на судството, безбедносните служби, јавната администрација и борба против организираниот криминал и корупцијата. Досега, според вицепремиерот, реализиирани се 66 проценти од зацртаните мерки, а за законите кои се носат со двотретинско мнозинство Владата се консултирала и со пратеници од опозицијата. Рокот на завршување на Планот 18 е до донесување на новиот Извештај на ЕК.
Она што најмногу ги засега и бизнисот и граѓаните, но и Владата си го постави за приоритет во 2019-та се очекувањата за попросперитетни економски остварувања и подобар стандард.
Во новогодишната честитка премиерот Заев посака успешна економска и интеграциска година, Македонија да биде земја на инвестиции и модерна инфраструктура.
– Да бидеме горди на тоа. Затоа, иако предизвиците се големи, да се украсиме сите ние со храброст, одлучност и да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого. Во тој дух да го поддржиме и да му дадеме шанса на сонот на нашите генерации, вели во честитката Заев.
Вицепремиерот Османи, пак, порача дека нема простор за предвремени парламентарни избори. Според него, по големите историски одлуки со Преспанскиот договор и заокружување на уставните измени, земјата заслужи еден целосен мандат токму со цел конечно економските теми да доминираат во земјата.
За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, ова ќе биде година на одлуки, но и година на промени.
– Свитканата кичма не е нашиот ген, ние исправени ќе се соочиме со предизвиците и ќе победиме, вели Мицкоски.