Познато ми е како живееле Евреите во сите делови на Македонија. А Македонија е голема, таа не е само тоа што е денес. Меѓу Евреите и другото население на Македонија отсекогаш постоеле најдобри односи. Тие сите се чувствуваат Македонци. Единствено што одеа во различни цркви, вели Визентал.

Мери МИНОВСКА

Александар Белев, комесар за еврејски прашања во Бугарија и бугарските министри Богдан Филов, Петре Габровски, Борис Јоцов, Добри Божилов, Никола Михов, Никола Захариев, Христо Петров, инженер Димитар Василев и инженер Васил Радославов со документи од 22 февруари и 2 март 1943 година донеле одлука  за ликвидирање на македонските Евреи, потврдува најпознатиот ловец на нацистички злосторници, Симон Визентал (1908-2005) во интервју од 1986 година. Визентал во интервјуто со македонскиот новинар Хари Миновски (1930-2000), дадено за Македонското радио и телевизија и првпат зборува за судбината на македонските Евреи под бугарска окупација. Интервјуто и од оваа временска дистанца е актуелно.

Симон Визентал

 

Во него станува збор за прогонувањето на нацистичките злосторници, за улогата на Бугарија во ликвидирањето на македонските Евреи, за современиот тероризам, неонацизмот и други актуелни теми и сега.

Пренесуваме дел од интервјуто.

Миновски: Во Втората светска војна животот во Југославија го загубија 1.700.000 жители или секој десетти Југословен. Меѓу нив има 60.000 Евреи, односно 7.148 од Македонија, која за време на војната се наоѓаше под окупација на фашистичка Бугарија. Оваа земја, која се бореше на страна на Хитлерова Германија заедно со некои други земји, ги заштитија своите Евреи. Бугарија навистина ги спаси своите Евреи, но за сметка на македонските Евреи, во едно крваво и морбидно пазарење со Германците, Бугарија ги жртвуваше македонските Евреи.

 

Дали во вашите списоци на нацистичките злосторници што учествуваа во геноцидот на Евреите се наоѓаат имињата: Александар Белев, комесар за еврејски прашања во Бугарија и бугарските министри Богдан Филов, Петре Габровски, Борис Јоцов, Добри Божилов, Никола Михов, Никола Захариев, Христо Петров, инженер Димитар Василев и инженер Васил Радославов, кои ги донесеа познатите документи од 22 февруари и 2 март 1943 година за ликвидирање на македонските Евреи?

Визентал: Пред сè да ви кажам дека сето ова ми е добро познато. На моите предавања низ целиот свет секогаш велам дека практично ниту едно семејство во Југославија, а исто така и во Полска, не останало без човечки жртви… А што се однесува до имињата на бугарските државници, вклучени во депортацијата на Евреите од Македонија, тие ми се познати. Имам пријател во бугарската Академија на науките и тој ми има испратено голем број на документи. Практично целата историја на Евреите што тие ја имаат во документацијата. Да, сето тоа ми е познато.

Кога зборуваме за настаните во Македонија морам да спомнам уште нешто. Човекот кој ја водеше депортацијата на македонските Евреи, оние преку 8.000 Евреи во Треблинка, беше еден од луѓето на Ајхман – Алојз Брунер. Денеска тој живее во Сирија под лажно име Георг Фишер

 

Кога зборуваме за настаните во Македонија морам да спомнам уште нешто. Човекот кој ја водеше депортацијата на македонските Евреи, оние преку 8.000 Евреи во Треблинка, беше еден од луѓето на Ајхман – Алојз Брунер. Денеска тој живее во Сирија под лажно име Георг Фишер… Пред две години професорот Матковски (н.з. Александар Матковски) напиша мошне добра документарна книга за трагедијата на Евреите во Македонија. Сметам дека владата во Белград ќе почувствува оти е нивна должност да направат нешто. Пред неколку месеци владата во Грција бараше екстрадиција на Брунер. Не е дозволено човек кој има сторено такви злосторства да живее слободно.

 

 Миновски: По војната Бугарија на разни начини се обидува, со пропаганда и фалсификати, не само да ја прикрие вистината и да ја избегне вината за овој геноцид туку и се прогласува за спасител на Евреите. Многумина наседнуваат на овие невистини, па дури и УНЕСКО пред извесно време на Бугарија ѝ додели специјална благодарница за спасување на Евреите. Исто така, во музејот на жртвите од холокаустот во Ерусалим, „Јад Вашем“, каде што има плочи на кои се забележани бројот на загинати Евреи по држави, на плочата на која пишува „Бугарија“ пишува 7.000 лица. За тие 7.000 лица, кои живееле во Македонија, а не во Бугарија, документирано може да се дознае од повеќе книги и документи. Меѓу другото, во книгата на Александар Матковски, кој го споменавте, но исто така и од книгата на битолскиот Евреин Арон Аса. Книгата се вика „Македонија и еврејскиот народ“, издадена во Ерусалим. Само еден цитат од оваа книга: „Во Македонија никогаш не постоел антисемитизам. Напротив, Македонците живееле во многу пријателски односи со своите сограѓани Евреи“. Дали во Израел и некои други земји им е познато дека Бугарија ги присвојува македонските Евреи и може ли ваквото сегашно бугарско однесување да ја оправда тогашната бугарска фашистичка влада за сторениот геноцид над македонските Евреи?

Визентал: Познато ми е како живееле Евреите во сите делови на Македонија. А Македонија е голема, таа не е само тоа што е денес. Меѓу Евреите и другото население на Македонија, отсекогаш постоеле најдобри односи. Тие сите се чувствуваат Македонци. Единствено што одеа во различни цркви.

Природно, по завршувањето на војната, секоја земја сакаше да се претстави во најповолна светлина. Бидејќи се работеше за проблематиката на жртвите, за проблематиката на мировните договори, поради сето тоа бугарската влада ги вложи, ги употреби убиените жртви на македонските Евреи како свои.

Сметам дека овој случај треба да биде решен преку еден вид сослушување на жртвите од Македонија. Сослушување во кое ќе има научници од Бугарија, Грција, Југославија и секако, еврејски научници. Тие би требало да донесат решение чии беа луѓето од Македонија кои се убиени од нацистите. Дали тоа биле бугарски граѓани или пак граѓани на Југославија или пак нечии други. Ова е за историјата. Тоа сигурно нема да има помогне на жртвите. Тоа треба да го стори историјата, за апсолутно точна историска вистина.

 

Видеото со целото интервју со Симон Визентал каде зборува за сите детали, можете да го погледнете на ЈуТјуб каналот на весникот Вечер и порталот vecer.press

Овој текст е објавен во весникот ВЕЧЕР и на порталот vecer.press на 30 ноември 2020 година. Поради огромен интерес на нашата читателска публика текстот го реобјавуваме во целост