„Без да се запознае творештвото на Конески не може да се има претстава за современиот научен, културен или општествен пејзаж на Македонија“, вели  Цилина Јуда, во својата критика која е дел од книгата со наслов „Светската критика за делото на Конески – 100 години од раѓањето на великанот од Небрегово“. Познатиот грчки писател Костас Валетас го квалификува како „патријарх на македонското писмо“, а според Англичаните Ана Пенингтон и АндрјуХарви, Конески, како писател на македонски јазик, има привилегија да наследи богата фолклорна традиција, и тоа со толкава непосредност каква што тешко може да постигне некој писател од Запад…

Токму во оваа книга, се презентирани триесет текстови од истакнати писатели, критичари и научници од други земји кои во суперлативи пишуваат за творештвото на Блаже Конески.

Меѓу нив се и МанфредЈенихен, кој во поезијата на Блаже Конески го потенцира финото чувство на национално достоинство, а пак Јон Милош неговото орфејско чувство за поезија.

Владимир Кржиж,пак, најзначајната стихозбирка на Конески „Везилка“ ја става во редот на светските книжевни дела.

„Од своја страна, Дагларџа, добитникот на „Златниот венец“ во 1974 година, восхитено пишува дека преку стиховите на Конески преведени на турски јазик имал среќа да го доживее прекрасното македонско поднебје… – наведува издавачот на книгата.

Шпанецот ХустоХорхеПадрон, исто така добитник на „Златниот венец“, констатира дека Конески навлегува во сферата на мисловноста и интимноста, евоцирајќи ги подеднакво модерното и историското и поврзувајќи го митското со секојдневното, со јазик на течна транспарентност, а во исто време тврд како дијамант. Унгарецот Золтан Чука, кој е голем познавач на литературите на јужнословенските народи, ќе напише дека лириката на Конески е редок пример во светската поезија каде што личната несреќа толку спонтано, уверливо и трагично се идентификува со општата национална несреќа…

Во книгата се опфатени осврти за Конески од автори од Велика Британија, Германија, Франција, Унгарија, Грција, Шпанија, Италија, Турција, Русија, Полска, Чешка, Данска, Романија, Србија, Црна Гора, Словенија… Изданието го приредија Раде Силјан и Паскал Гилевски, а автор на портретот на Конески е академскиот сликар Павле Кузмановски.