Под хипотека ставени над 3.800 недвижности вредни повеќе од 570 милиони евра

Во август се издадени 276 одобренија за градење, што е за 50 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, а вредноста на објектите, која надминува шест милијарди денари е речиси двојно повисока од онаа на објектите за кои биле издадени градежни дозволи во август лани. Цифрите ги билда комплексот за домување во Гази Баба

254

Растат цените на становите, но расте и побарувачката. Дека граѓаните сè повеќе купуваат станови сведочи и растот на бројот на хипотеки запишани во катастарот.

Само во периодот од почетокот на април до крајот на јуни под хипотека се ставени над 2.000 недвижости, што во однос на претходниот квартал е зголемување за повеќе од 200. Или, во вториот квартал годинава катастарот впишал вкупно 2.011 хипотеки во вредност од 413 милиони евра. Повеќе од половината од нив се во Скопје, каде што се ставени хипотеки на 703 станови вредни 207 милиони евра. Во другите градови, само во вториот квартал има 1.308 нови хипотеки со вредност од 206 милиони евра.

Во првиот квартал од годинава, пак, катастарот евидентира 1.795 хипотеки со вкупна вредност од 160 милиони евра. Најголем дел од нив, или 759 се запишани во скопскиот катастар, со вредност од 68 милиони евра, додека останатите 1.036 хипотеки низ другите градови во државата се со вредност од 92 милиона евра.

Или, само во првата половина од годинава под хипотека се ставени на над 3.800 недвижности, со вредност повисока од 570 милиони евра.

Граѓаните се шокирани од високите цени на становите, но не се откажуваат од купување, особено сега кога кредитите се поповолни од кога и да е. Цената на квадратот во Скопје веќе надминува 1.500 евра, што е најмногу досега, а според огласите, многу се пораснати и кириите, и тоа од 200 до 250, на најмалку 300 евра месечно.

Истовремено расте и понудата на нов станбен простор, особено во главниот град. Според последното соопштение на Државниот завод за статистика во август се издадени 276 одобренија за градење, што е за 50 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. И вредноста на објектите, која надминува шест милијарди денари е речиси двојно повисока од онаа на објектите за кои биле издадени градежни дозволи во август лани.

-Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во референтниот месец се издадени одобренија за градење на објекти од високоградба со поголеми вредности, конкретно резиденцијални објекти за домување во Општина Гази Баба, појаснуваат од ДЗС.

Инаку и бројот на предвидени станови за изградба е далеку поголем од просечниот. Со одобренијата издадени во август треба да се подигнат дури 1.582 станови, со вкупна корисна површина од 110.541 квадратни метри. За споредба, годишната продукција на станови во државата е пет до шест илјади.

Како што посочуваат и статистичарите, причина за зголемениот број станови е резиденцијалниот комплекс во Гази Баба. Тоа е комплексот Ист гејт Ливинг лоциран на местото на стариот скопски саем. Во него ќе има 10 станбени згради со вкупно 672 стана, што е за 50 проценти повеќе од вкупниот број завршени станови лани. Становите со површина од 42 до 219 квадрати во десетте згради треба да бидат готови до 2027 година, а според сегашните најава квадратот ќе чини од 1.250 до 1.350 евра, на што треба да се додадат уште најмалку 7.000 евра, колку што чини еден паркинг, чие купување е задолжително.

Инаку, од вкупниот број градежни дозволи што ги издале општините во август, најголемиот дел, или близу 1.400 се за изградба на станови во Скопје, а од нив 1.285 се за станови во општината Гази Баба.

(С.В.)