Иницијативен одбор, кој е поддржан од две-третини од клубовите членки на Националната пливачка федерација (НПФ) поднесоа законско и статутарно барање до претседателот Александар Маленко за свикување на задолжително редовно Изборно собрание на кое ќе се избере нов претседател на федерацијата.

-Имајќи во предвид дека Претседателот г-дин Александар Маленко упорно го крши Статутот на НПФ со непочитување на основните правила и членови од Статутот како несвикување на редовни годишни собранија, несвикување и работа самоволно без одлуки на Управниот одбор на НПФ грубо прекршувајќи ги членовите 17, 21, 24, 26 и 29 од Статутот и ред други прекршоци, веруваме дека и овој пат истиот кукавички ќе бега и ќе се крие несвикувајќи редовно изборно Собрание. Од тие причини Ве известуваме дека доколку во рок од 14 дена Претседателот не го закаже редовното изборно Собрание на НПФ, ќе го искористиме член 21 од Статутот на НПФ со кој имаме право како иницијатори да го свикаме и легално одржиме истото. Согласно Член 21 од Статутот на Федерацијата, „Претседателот на НПФ го Свикува собранието најмалку еднаш годишно, а по потреба и почесто. Собранието може да се свика по барање на Управниот одбор, Надзорниот одбор или по барање на најмалку 1/3 (една третина) од вкупниот број на клубови здружени во НПФ. Ако Претседателот на НПФ не го свика Собранието во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот на дадениот предлог, Собранието го свикува Управниот одбор или иницијаторите, се вели меѓу другото во соопштението од иницијативниот одбор за смена на актуелниот претседател на Националната пливчака федерација.