ПОДГОТОВКИ ЗА ГАСИФИКАЦИЈА НА ТИКВЕШИЈАТА: Кавадарци планира изградба на 22-километарска гасоводна линија

137

Кавадарци наскоро ќе добие комплетна физибилити студија за секундарна и примарна мрежа за гасификација. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев вели дека се предвидува изградба на 22 километарска гасоводна линија.

– Ние сме чекор напред. Целта ни е да ги имаме таа студија и основен проект за штом стигне гасот, веднаш да се почне со изведбата. Таа студија ќе оди на седница на Совет на општина, а следува и јавно претпријатие за гасификација. Тоа особено ќе биде важно за новиот центар на градот каде што има најмногу колективни згради и е најзагадено градско подрачје – нагласува Јанчев.

Тој најави неколку скапи пробни филтри за издувните оџаци за колективни згради. Ќе се определат поголеми загадувачи и ќе им се наместат, за да не загадуваат додека дојде гасификацијата.

– Новиот генерален урбанистички план треба да биде готов наскоро. Тој предвидува дека според закон, треба минимум општината да има 20 квадратни метри по глава на жител зеленило, ние имаме 29, па сме меѓу ретките општини кои имаме плус зеленило по глава на жител. Одобривме изработка на Локален еколошки акционен план кој треба да биде готов во месец јуни. Но и понатаму на зеленилото ќе се посветува внимание, ќе се одржува и зголемува. Во новата комунална програма на ЈП“Комуналец”, има предвидено подигање на плус 30.000 квадратни метри нова зелена површина и нови дрвореди – додаде тој.

Општината подготви посебен плац на кој се сака да се тргне земјоделската механизација од градот.

– Во Кавадарци има над 4.000 трактори, земјоделски град сме и се внесува и кал и прашина, меѓу другото се загадува и со тоа – рече Јанчев.

Во Кавадарци дневно се ствараат 140 кубни метри комунален отпад, што мерено по глава на жител е пет пати повеќе од нормалното создавање на отпад во европски услови.

– Триста литра вода за пиење во секунда стигнува во Кавадарци, а има моменти кога резервоарите ни се на минимално ниво. Треба да се има култура за трошење вода – дециден е Јанчев.