ПОВТОРНО УНИКАТНА:Костимите за капење на Моника Блажевска одушевуваат со цртани мотиви

79

Модната дизајнерка и уметник Моника Блажевска повторно одушевува, овојпат со уникатни костими за капење со цртани мотиви кои на 13 мај во скопскиот бар „Лофт“ од 20 часот ќе бидат претставени пред јавноста преку изложба и модна ревија. Блажевска, која високото образование го заврши на Европскиот универзитет во Скопје, на Факултетот за арт и дизајн, насока графички дизајн во класата на проф. д-р Јана Манева-Чуповска, актуелната ректорка на оваа високообразовна институција, и овој пат ќе се претстави со свои креации со кои во изминатите години стекна голем број поклоници на својата извонредна уметност.

-Таа за весникот “Вечер“ вели: “Границите во уметноста не постојат. Потребна е само добра идеја и реализација. Моето знаење од областа на сликарството и графичкиот дизајн ги претставив во уникатен моден дизајн. Тоа значи еден интересен начин на изразување на уметноста, преку рачно сликање парчиња облека: маици, марами, фустани, чанти, чевли… “, вели Моника.
А еве сега јавноста ќе може да ужива и во нејзините нови, уникатни рачно насликани парчиња на костими за капење.

 

Присутните на 13 мај ќе имаат можност да видат уметнички слики кои ќе бидат сценски поставени, како и модели со цртани креации и костими за капење.
“Од уметничките слики кои ќе бидат сценски поставени ќе излегуваат модели со цртани креации. Акцентот на оваа ревија ќе биде ставен на костимите за капење, кои сигурна сум дека ќе привлечат најмногу внимание со својата уникатност“, вели Блажевска.

-Ја прашавме Моника од каде ги црпи идеите, на што таа ни одговори: “Што се однесува за цртани костими за капење оваа идеја ја имав истестирано уште минатото лето кога за прв пат го насликав виолетовиот леопард кој беше навистина забележан од страна на оние што ја пратат модата и уметноста во Македонија. Она што е најважно е дека боите се задржаа цела сезона и дури воопшто не реагираа на морската сол. Покрај тоа доказ за квалитетот беа и моите одушевени клиенти кои веќе ми порачаа костими со своите омилени мотиви“.