Повеќе од половина од 66 новолиценцирани доктори на медицина изразиле желба да работат со ковид пациенти

48

Шеесет и шест доктори на медицина овој месец го положиле стручниот испит и се стекнале со лиценца за работа од Лекарската комора на Република Северна Македонија, соопшти Министерството за здравство.

Министерството стапило во контакт со сите 66 ново лиценцирани доктори на медицина, а повеќе од половината од нив изразија желба да работат со ковид пациенти.

Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, имаме 66 лекари повеќе, нови, млади сили во нашиот здравствен систем. Согласно измената која ја направивме на Законот за здравствена заштита од јануари минатата година, секој дипломиран доктор кој се стекнал со лиценца треба да обави шест месечна пракса која за прв пат му е платена со 30,000 денари месечно. Младите лекари се иднината на нашето здравство и ние продолжуваме да вложуваме во нив, во нивната до-едукација и стручност, изјави министерот за здравство Венко Филипче..

Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.