Поважни настани во Украина по прогласувањето независност

209

Русија почна голема инвазија врз Украина на 24 февруари. Куса хронологија за напорните односи на Украина со Москва откако стекна независност во 1991 година и настаните што доведоа до актуелниот конфликт.

1991: Кратко по падот на Советскиот Сојуз, Украина прогласи независност од Москва.

2004: Прорускиот кандидат Виктор Јанукович е прогласен за претседател, но наводите за местење на гласови предизвикаа протести, познати како Портокалова револуција, принудувајќи повторно гласање. Прозападниот поранешен премиер Виктор Јушченко е избран за претседател.

2005: Јушченко ја презема власта со ветувања дека ќе ја изведе Украина од орбитата на Кремљ, кон НАТО и ЕУ.

2008: НАТО и вети на Украина дека еден ден ќе се приклучи на алијансата.

2010: Јанукович победи на претседателските избори.

2013: Владата на Јанукович ги прекина преговорите за трговија и асоцијација со ЕУ и одлучи да ги заживее економските врски со Москва, што предизвика повеќемесечни масовни собири во Киев.

Февруари 2014 година: Парламентот гласаше за смена на Јанукович по крвопролевањето во протестите. За неколку дена, вооружени мажи го зазедоа парламентот во украинскиот регион Крим и го кренаа руското знаме. Москва подоцна ја анектира територијата.

Април 2014: Проруските сепаратисти во источниот регион на Донбас прогласија независност. Околу 15.000 луѓе се убиени од 2014 година во борбите меѓу сепаратистите и украинската армија, според владата во Киев.

2017: Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ ги отвора пазарите за слободна трговија на стоки и услуги и безвизно патување во ЕУ за Украинците.

2019: Володимир Зеленски е избран за претседател.

Јануари 2021: Зеленски апелира до американскиот претседател Џо Бајден да и дозволи на Украина да се приклучи на НАТО. Во февруари, неговата влада го замрзна имотот на опозицискиот лидер Виктор Медведчук, најистакнатиот сојузник на Кремљ во Украина.

Пролет 2021 година: Русија започнува да собира војници во близина на границите на Украина во, како што вели, вежби за обука.

Ноември 2021 година: Сателитските снимки направени од Maxar Technologies покажуваат тековно зголемување на руските сили во близина на Украина со проценки дека наскоро ќе надминат 100.000 распоредени војници.

17 декември 2021 година: Русија претставува безбедносни барања, вклучително и НАТО да ги повлече трупите и оружјето од источна Европа и да и забрани на Украина воопшто да се приклучи.

24 јануари 2022 година: НАТО ги става силите на подготвеност и ја зајакнува Источна Европа со повеќе бродови и борбени авиони.

26 јануари: Вашингтон одговара на безбедносните барања на Русија, повторувајќи ја посветеноста на политиката на „отворени врати“ на НАТО, истовремено нудејќи „прагматична проценка“ на загриженоста на Москва. Два дена подоцна Русија вели дека нејзините барања не се решени.

Февруари 2022: Во услови на растечки стравови на Западот дека Русија може да ја нападне Украина, САД велат дека ќе испратат дополнителни 3.000 војници во членките на НАТО, Полска и Романија. Вашингтон и сојузниците велат дека нема да испратат војници во Украина, но предупредуваат на строги економски санкции доколку рускиот претседател Владимир Путин преземе воена акција.

21 февруари: Во телевизиско обраќање, Путин рече дека Украина е составен дел од руската историја и има марионетски режим управуван од странски сили. Путин наредува, како што ги нарече, мировни сили во два отцепени региони во источна Украина, откако ги призна како независни.

22 февруари: САД, Велика Британија и нивните сојузници ги санкционираат членовите на рускиот парламент, банките и другите средства како одговор на наредбата на Путин. Германија го стопира проектот за гасоводот Северен поток 2.

23 февруари: Сепаратистичките лидери поддржани од Русија побараа од Русија помош за одбивање на агресијата од украинската армија.

24 февруари: Путин одобри „специјални воени операции“ во Украина. Руските сили почнаа со ракетни и артилериски напади, погодувајќи ги големите украински градови, вклучително и Киев.

26 февруари: Западните сојузници објавија нови санкции, вклучително и ограничувања на руската централна банка и протерување на клучните банки од главниот глобален платен систем.