Победникот на Прашкото квадринале за перформанс го отвора 44. МОТ

93

„МОТ станува институција по која се препознава нашиот град. Станува збор за 44-годишна традиција на најголемиот фестивал на театарот во нашата држава – Млад отворен театар. Ќе имаме ретка можност со перформансот што годинава е награден на Прашкото квадринале да се отвори фестивалот („Оваа зграда (на)вистина зборува“). Оваа година на МОТ има учесници од осум држави кои за љубителите на театарската уметност ќе се претстават на различни сцени низ нашиот град. Фестивалот се затвора со театар од Атина, со претставата наречена ′Чист град′, која ги разгледува личните искуства на вистински експерти кои се грижат за чистотата на Атина“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов

Четириесет и четвртото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“(МОТ), кој годинава се одржува од 13 до 21 септември, се отвора со победникот на Прашкото квадринале за перформанс, дизајн и простор, „Оваа зграда (на)вистина зборува“ во Младинскиот културен центар, в петок, во 20 часот. До 21 септември на фестивалот ќе има 21 настан, а покрај 16-те претстави, на програмата се и два концерта и по една работилница, промоција на книга и предавање со дискусија. „МОТ станува институција по која се препознава нашиот град. Станува збор за 44-годишна традиција на најголемиот фестивал на театарот во нашата држава – Млад отворен театар. Ќе имаме ретка можност со перформансот што годинава е награден на Прашкото квадринале да се отвори фестивалот. Оваа година на МОТ има учесници од осум држави, кои за љубителите на театарската уметност ќе се претстават на различни сцени низ нашиот град. Фестивалот се затвора со театар од Атина со претставата наречена ′Чист град′, која ги разгледува личните искуства на вистински експерти кои се грижат за чистотата на Атина“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој посочи и дека годинава поддршката од Градот Скопје за МОТ ја зголемиле за износ од 3 милиони денари.

Проектот кој го отвора фестивалот -„Оваа зграда (на)вистина зборува“, чиј автор е Филип Јовановски, е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација. Директорот на МКЦ, Русе Арсов, кој ја претстави програмата, посочи дека овој перформанс публиката ќе може да го погледне уште два пати за време на фестивалот и за него нема да се наплаќаат влезници.

„По Прага, ова е прво официјално претставување на проектот ‘Оваа зграда (на)вистина зборува’ во Македонија, и МОТ е вистинското место за тоа. Овој проект го претставуваше македонскиот павилјонот на Прашкото квадринале годинава. Тоа е проект кој подолго време го работиме со нашата организација ′Факултет за работи кои не се учат′ во Железничката зграда во Скопје. Тоа е долгогодишен истражувачки проект кој заедно со станарите и многу други наши соработници во различни фази го реализиравме, а во Прага се заокружи дел од него“, рече авторот Јовановски.

По перформансот за отворањето, истата вечер, следува драма-операта „Девојчето со жиците“ на малата сцена на НОБ, напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа.

Сцената на сала „Фросина“ е домаќин, пак, на вториот ден на МОТ (14 септември), кога гостува Словенско младинско гледалишче со новиот проект на Томи Јанежиќ – „Сè уште без наслов“, кој трае повеќе од десет часа. „Дон Жуан е едно од оние книжевни дела што поминале низ најмногу адаптации. Низ текот на целата претходна сезона, Томи Јанежиќ и неговиот тим го земаат ова дело како референтна точка за истражување и лабораториски пристап. Приказната е од аголот на неговото заведување и низ последиците на неговите дела – кои се среќаваат во еден момент, во едно срцебиење“, соопштуваат од МКЦ.

Третата фестивалска вечер (15 септември) почнува со „Трите сестри“ од Васил Христов, работена по мотиви на Антон П. Чехов, а програмата продолжува во „Кино Култура“ со два перформанси од проектот „Што е кореографија?“ на центарот Локомотива – „Дримстејт“ од Валентино Апостоловски и „Мунлајт“ од Александар Георгиев и на Дарио Барето Дамас од Шпанија.

Танцовиот перформанс „Човековиот срам“, првично изведуван во затворот во Матера, Италија, пак, е закажан за 16 септември, четвртиот ден на МОТ. Силвија Грибауди и Матео Мафесанти го истражуваат методот во кој авторите се постојано поврзани со територијата каде што се наоѓаат, а единствена македонска актерка во перформансот е Симона Спировска.

Петтата фестивалска вечер е за авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“, која покажува стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, антихероите на СТЕМ револуцијата, кои изгубиле вера во Европа и во нејзините хуманистички вредности.

По неа, на малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“. Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал. Проектот се занимава со односите меѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од друга страна. Следува романската „Момчињата на Медеја“ на малата сцена на НОБ, во продукција на „Apollo 111 Theatre“. Вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ – драмски текст на Роланд Шимелфениг, во режија на нашата Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“, кои ќе бидат дел од претставата. „Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин, пак, ќе се изведе во народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес на 19 септември.

Португалската театарска компанија „Arena Ensamble“ ја отвора седмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ, а по неа следува премиерата на „Несоодветно за работа“ на Драмски театар во режија на Доналд Ворен Мофет, а автор на истата е Луси Кирквуд.

Фестивалската програма завршува со „Чист град“ од експерименталната сцена на Националниот театар во Атина – Анестис Азас и Продромос Циникорис, со приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини.

Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното кабаре – Tiger Lillies со едно посебно шоу. Покрај двата концерта, ќе има и работилница за специфична локација – „Оди и види“ во Железничката зграда, предавање и дискусија со Мајк ван Гран во Кино Култура и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.

44.Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени низ Скопје: Национална опера и балет, Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, сала Фросина и Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар и една во Велес – Театар Јордан Хаџи Констатинов  Џинот.