Плаќање билет за паркинг отсега онлајн со платежна картичка

375

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) ја пушти во употреба новата веб платформа со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат. Како што истакна директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски, со ова стануваат првото јавно претпријатие во земјата, воопшто, кое целосно се дигитализира.

– Отсега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од било кој уред, на било кое место и во секое време. Дополнително, на новата веб платформа преку чат, граѓаните ќе можат да бидат во постојана 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања и слично – нагласи Кичевски.

Новата веб страница поседува вградена заштита од неавторизиран пристап кон податоците од посебен интерес и ги задоволува највисоките стандарди за заштита на податоците на корисниците на услугите на ПОЦ.

Отсега сите корисници по креирање на личен профил на веб страницата на ЈП ПОЦ ќе можат по електронски пат да склучуваат и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата за истите и да изберат како опција договорот и/или картичката, во промотивниот период, бесплатно да им бидат испорачани на домашна адреса. Регистрираните корисници ќе добиваат смс и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и 1 ден пред истекот на договорот.

– Корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или е-вирман – рече Кичевски.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ изрази задоволство од високиот процент на позитивни оценки од граѓаните за работата на претпријатието.

– Повеќе од 60% од граѓаните во анкетата позитивно ја оценија работата на претпријатието. Тоа за нас е доказ дека сме на вистинскиот пат и мотивација повеќе да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните. Дополнително, ме радува фактот што високи 75% од испитаниците изразија задоволство од претстојната дигитализација на услугите, што покажува дека граѓаните ги препознаваат придобивките од истата и позитивно ги оценуваат нашите заложби за воведување новини во работењето. Со дигитализацијата на услугите на ЈП ПОЦ сакаме да покажеме дека сме подготвени да одговориме на предизвиците на новото време, да го следиме трендот на дигиталната ера и на граѓаните да им понудиме платформа за брз и едноставен пристап до сите услуги кои ги нуди претпријатието – изјави Богдановиќ.

Сите регистрирани корисници ќе можат да ја изберат опцијата да добиваат известувања во форма на неделен е-маил билтен и на тој начин да се информираат за работата, активностите и новините кои ги нуди претпријатието.

Инаку, новата веб страница на ЈП ПОЦ е изградена на напредна платформа за ваков тип на интерактивни и динамични веб страници со прилагодлив дизајн, соодветен за различни уреди – лаптопи, мобилни телефони, таблети.

(С.Бл.)