Плаќаш летување за Грција, добиваш патување во Кападокија или Истанбул

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека и покрај тоа што туристичката сезона е на средина, до нив постојано пристигнуваат поплаки од граѓаните за туристички патувања. Најголем дел од поплаките се однесуваат на искористување на ваучерите, односно на тоа дека некои од туристичките агенции не им даваат можност на клиентите ваучерите да ги користат каде сакаат

118

Граѓаните се жалат дека туристичките агенции не им даваат можност да одберат каде сакаат да ги искористат своите ваучери. Велат дека може да ги користат само за одредени аранжмани, но не за сите аранжмани и дестинации кои агенциите ги нудат. Освен тоа, истите не можат да ги користат во некој од домашните туристички центри. Друг проблем е што сега превозот треба да го платат дополнително. Ако пред короната уплатиле аранжман со патување и превоз, сега добиваат само патување, а превозот го доплаќаат.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека и покрај тоа што туристичката сезона е на средина, до нив постојано пристигнуваат поплаки од граѓаните за туристички патувања. Најголем дел од поплаките се однесуваат на искористување на ваучерите, односно на тоа дека некои од туристичките агенции не им даваат можност на клиентите ваучерите да ги користат каде сакаат.

-Дел од поплаките на граѓаните се однесуваат на тоа дека некои од агенциите не им даваат можност на граѓаните ваучерите да ги искористат сите патувања кој во моментот ги нудат. Ги условуваат дека може да ги користат само за одредени патувања. Некои од граѓаните, кој поради пандемијата не сакаат да патуваат надвор од државата, се жалат дека агенциите не им даваат можност ваучерите да ги искористат во некој од туристичките места во државата. Од агенциите им велат дека ако ваучерот го добиле за откажан туристички аранжман за Грција, тогаш истиот мора да го искористат за летување во Грција, вели за ВЕЧЕР Татијана Тасевска правен советник во Организација на потрошувачи на Македонија.

Таа додава дека има и поплаки во однос на доплатата на туристичките аранжмани, односно некои од агенциите им бараат на граѓаните дополнително да си го платат превозот.

-Ако пред короната граѓаните имале платено сместување и превоз сега од агенциите им велат дека може да користат само сместување, а превозот дополнително да си го платат. Исто така има и туристичките агенции кои ги ограничуваат клиентите ваучерите да ги искористат само за две или три туристички дестинации. Така, на пример, една туристичка агенција ги ограничила клиентите ваучерите да ги искористат само за Кападокија и Истанбул, но не и за летување за кое уплатите, додава Тасевска.

Законската обврска за искористување на ваучерите кој граѓаните ги добија лани од туристичките агенции за откажаните аранжмани поради корона пандемијата е до крајот на годинава. Но, некој од туристичките агенции им излегоа во пресрет на клиентите и им дадоа можност ваучерите да можат да ги користат и во 2022 година.

Дел од граѓаните кој поради пандемијата и условите кои ги бараат државите за влез годинава решија да не одат на летување ги продадоа ваучерите на блиски роднини и пријатели, а дел веќе и ги искористија.

(А.С.)