Планинар пешачел два дена со скршена нога пред да стаса до помош

73

Австралиски планинар кој се повредил по пад низ водопад од шест метри изјавил дека скршената нога морал „да ја носи“ додека два дена ползел до чистината каде што бил спасен.

Нил Паркер (54) бил сам на излет во близина на Бризбејн кога изминатата недела се лизнал и завршил со скршен зглоб и потколеница која „пукнала на половина“ пренесе „Би-Би-Си“.

Со оглед на тоа дека при падот го изгубил мобилниот телефон заклучил дека најдобро решение за спас ќе му биде ако доползи до чистината. По дведневна агонија стасaл до чистината каде што го забележале спасувачите.

„Ползев метар по метар па ќе направев пауза“, изјавил за новинарите во болницата. Ми беа потребни два дена за три километри. Мислев дека никогаш нема да стасам“, рекол тој.

Паркер кажал дека планирал тридневен излет на Маунт Небо кога се стркалале камење и тој паднал низ водопадот.

Паркер во опремата имал завои кои ги комбинирал со стаповите за да ја имобилизира ногата, а имал и средства против болки, како и малку храна.