Плажите на македонското Сен Тропе загадени со фекалии!

399

Сезоната е на прагот, охриѓани ги чекаат туристите. Водата во Охридското езеро е погодна за капење, но не е секаде така покрај крајбрежјето. Анализите на охридскиот Хидробиолошки завод направени за време на минатогодишната летна сезона (во август) покажуваат високо ниво на фекално загадување на некои од плажите на охридското крајбрежје, со групи бактерии познати како фекални колиформи, фекални стрептококи, ешерихија коли и други. Хидробиолошките истражувања покажале дека во езерото се влеваат фекалии и отпад од канализации, септички јами, полски клозети, фарми и депонии и оттука најпогодени од фекалното и органското загадување се водите на Охридското Езеро во близина на населбите и речните устија.

Професор Ленче Локоска од Одделението за микробиологија при Хидробиолошкиот завод во Охрид за ВЕЧЕР објаснува дека водата во некои делови од крајбрежјето (во близина на населбите и пред речните устија) е од умерено до критично загадена, како со фекално така и со органско загадување. Но, генерално, Езерото е во категоријата чисти води и има силна способност за самопречистување.   

При појава и зголемена бројност на колиформни бактерии и фекални индикатори во водите наменети за капење, тие може да се ризик за човекот доколку дојде во допир со нив. Може да дојде до појава на кожни инфекции или, пак, до појава на гастроинтестинални проблеми проследени со дијареја, повраќање и слично

Анализите на охридскиот Хидробиолошки завод направени за време на минатогодишната летна сезона (во август) покажуваат високо ниво на фекално загадување на некои од плажите на охридското крајбрежје, со групи бактерии познати како фекални колиформи, фекални стрептококи, ешерихија коли и други. Хидробиолошките истражувања покажале дека во езерото се влеваат фекалии и отпад од канализации, септички јами, полски клозети, фарми и депонии и оттука најпогодени од фекалното и органското загадување се водите на Охридското Езеро во близина на населбите и речните устија.

– Ова лето, кога ќе ги слушате оние патетични приказни за недопрената македонска природа и Охрид – бисерот на Македонија, нека ви текне на овој графикон добиен од истражување на Хидробиолошкиот завод. Погледнете го присуството на колиформни бактерии во водата во Охридско кај Трпејца – македонското Сент Тропе. Буквално  пливаме во фекалии. Жива канализација во Трпејца – објави на Фејсбук охриѓанецот Киро Прзо.

КВАЛИТЕТ НА ВОДАТА

Професор Ленче Локоска од Одделението за микробиологија при Хидробиолошкиот завод во Охрид за ВЕЧЕР објаснува дека водата во некои делови од крајбрежјето (во близина на населбите и пред речните устија) е од умерено до критично загадена, како со фекално така и со органско загадување. Но, генерално езерото е во категоријата чисти води и има силна способност за самопречистување.

– Квалитетот на водата од повеќето истражувани локалитети од крајбрежјето на Езерото, во екот на туристичката сезона (според графикот), е во втора класа, што одговара на квалитетот на водите наменети за капење. Со најлош квалитет е водата кај Грашница и Мизо (стара градска плажа), поради што години наназад е забранета за капење – појаснува професорката Локоска.

Графиконот ги потврдува наводите на Киро Прзо дека критично фекално загадена (трета класа) е водата кај Трпејца, потоа кај плажите Куба Либре, Лабино, Грашница, Мизо, Струга и Елен Камен.

– Притоките на Езерото (Сатеска, Коселска, Велгошка и Черава) влијаат врз квантитативната и квалитативната застапеност на бактериопланктонот во водата од деловите на литоралот пред нивните вливови. Посебно е маркантно фекалното загадување. Најмногу бактерии има во Грашница, пред устието на Велгошка Река, која е најзагадената притока, што внесува најмногу отпадни комунални и индустриски води богати со полутанти, органски материи и бактерии. Слична е состојбата и со квалитетот на водата од реката Черава, која се влева во Охридското Езеро од територијата на Албанија. Градот Охрид, секако, има големо влијание врз зголемената бактеријална бројност, посебно изразено на локалитетите Грашница и Мизо, каде што има дел од домаќинствата кои не се вклучени на колекторот. Со слична состојба, односно под изразито антропогено влијание се и локалитетите кај Струга, селските населби, камповите, хотелите – нагласува Локоска.

Според неа, туристичките објекти околу изворите кај Св. Наум, исто така, влијаат врз квалитетот на водата од самите извори и Езерото.

– Домаќинствата и угостителските објекти во селото Трпејца сè уште не се поврзани на колекторскиот систем, што влијае врз загадувањето на езерската вода, посебно изразено кај параметрите од санитарен аспект и за време на туристичката сезона – потенцира професорката.

ШТО ЗАГАДУВА?

– Во чистите извори, потоци, реки, езера, нема колиформни бактерии кои доаѓаат со комуналните отпадни води, односно фекални отпадни води. Колиформните бактерии се наоѓаат во цревниот тракт на луѓето и на животните, а со излачевините (измет, урина), директно или индиректно, ги загадуваат акватичните екосистеми. Фекалното загадување може да потекнува од испуштање отпадни води од нерегулирани септички системи (јами) од домаќинствата и од животински отпад, отпадни ѓубрива од сточни фарми, како и од истекувањето на атмосферските води во руралните области кои, покрај другото, се и со високи концентрации на фекални колиформни бактерии – потенцира Локоска.

Дел од плажите на Охридското Езеро кои најчесто се посетени во летната сезона, се загадени со високи нивоа на бактерии од човечки и од животински измет и урина. Професорката вели дека капачите кои се многубројни на поабундантните плажи, преку своите екскрети, придонесуваат за зголемување на бројноста на колиформните бактерии и фекалните индикатори.

– Причина за зголемениот број бактерии за време на туристичката сезона е и тоа што при капењето и други активности во вода на капачите, доаѓа до подигање на седиментот, односно мешање на водата со подлогата од дното, каде што бактериите се многу побројни отколку во слободната вода. Ова се однесува за плажите каде што дното е милесто и богато со органска материја, што не е случај со плажите каде што дното е песокливо (ситен песок, чакал и сл.) – вели таа.

Таа особено го истакнува влијанието на реката Черава, која извира од Албанија и со поголемиот свој дел тече низ неа. Во Македонија тече низ Љубанишко Поле и источно од Св. Наум се влива во Охридското Езеро.

– Во сливот на реката се наоѓа депонија од рудници за јаглен кои своите отпадни води и цврсти отпадоци ги испуштаат во реката. Реката тече низ рурални и рударски површини, а ги носи и отпадните води од населбите, камповите и другите туристички објекти. Оваа река, за време на обилни врнежи, внесува и огромни количини отпад (најмногу пластичен) од албанската страна, кој завршува на брегот на Охридското Езеро кај Љубаништа. Делот од реката Черава што тече низ Македонија е мал и без населени места, односно нема антропогени влијанија – потенцира Локоска.

Таа напоменува дека во Албанија, делот од Охридското Езеро е под силно антропогено влијание.

– Покрај населбите, нерешените комунални отпадни води, дивите депонии, како и исцедните води од земјоделските површини, од рудниците, во сливното подрачје на Езерото се лоцирани рибници за одгледување калифорниска пастрмка. Во рибниците се користат десетици тони храна за риби. Покрај остатоци од храна, отпадоци, екскрети од риби, во Езерото се влеваат и средства за третирање на рибите (антибиотици и сл.). Сето тоа придонесува за фекално и за органско загадување, односно негативно влијае на квалитетот на водата од Езерото – нагласува професорката.

РИЗИК ЗА ЛУЃЕТО

Колку овие бактерии се ризик за човекот доколку дојде во допир со нив, ја прашавме професорката Локоска.

– При појава и зголемена бројност на колиформни бактерии и фекални индикатори во водите наменети за капење, тие може да се ризик за човекот доколку дојде во допир со нив. Може да дојде до појава на кожни инфекции или, пак, до појава на гастроинтестинални проблеми проследени со дијареја, повраќање и слично. Честа појава е кај дечињата кои нуркаат и пијат од водата, или кај возрасните со намален имунитет. Исто така, индиректно може да дојде до инфекции доколку се користи таква вода за миење овошје и зеленчук кои се консумираат свежи. Поради тоа, малите дечиња и луѓето со намален имунитет треба да ги избегнуваат поабундантните плажи преполни со капачи. Дополнително ќе ги спомнам и миленичињата, чиј измет често може да се најде во песокот, а со самото бранување стигнува во водата. Само да потсетам дека еден грам измет содржи  109 (десет на деветта) единки од ешерихија коли – потенцира Локоска. 

КОИ СЕ РЕШЕНИЈАТА?

Таа смета дека ваквата состојба ја наметнува потребата од брза и радикална интервенција за стопирање на загадувањето, за отстранување на предизвикувачите на загадувањето и преземање соодветни мерки за санација на загрозените делови.

– Сè уште има нерегулирани депонии околу Езерото, а најголема е кај селото Радожда. Сè уште има нерегулирани отпадни води (септички јами, полски клозети, објекти за чување домашни животни и живина…) од домаќинствата и од одгледувањето стока во селските населби лоцирани околу Езерото и покрај реките кои се вливаат во Езерото. Неопходно е да се вклучат сите отпадни води од населбите во крајбрежјето во систем за одведување и пречистување на отпадните води. Доизградба на колекторскиот систем и подобрување на неговата функционалност. Таму каде што не е возможно да се направат септички јами според пропис, односно современи септички јами кои не се водопропустливи. Отстранување на дивите депонии и строга забрана за одложување на каков било отпад во крајбрежјето и сливот на Езерото – потенцира Локоска.

Неопходно е воспоставување редовен мониторинг на водата од Езерото и неговите притоки, заради навремено согледување на состојбата и преземања на соодветни мерки за заштита.

– Во овој период можат да се забележат големи наноси од изумрена трска во крајбрежјето. Неминовно е нејзино чистење, односно отстранување од брегот затоа што со нејзиното механичко дробење и разградување доаѓа до органско загадување на Езерото. Службите на „Охридски комуналец“, по секој обилен дожд и посилен јужен ветар, од кејот и Езерото подигаат огромни количини тешко разградлив отпад како што се пластична и картонска амбалажа, најлон кеси, лименки и друг механички отпад, кои надојдените реки ги носат со себе. Општина Охрид врши чистење на коритата на реките кои се влеваат во Езерото. Потребно е  и поставување заштитни метални механизми на реките од сливното подрачје на Охридското Езеро за полесно да се отстранува цврстиот отпад – вели Локоска.

Светлана БЛАЖЕВСКА