Годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата“, истакнатиот јапонски поет Шунтаро Таникава, поради својата поодмината возраст (91 година) нема да присуствува на “Струшките вечери на поезијата“, а „Златниот венец“ ќе го прими неговиот син – Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист.

Кенсаку Таникава, во рамки на портретот на лауретот во „Света Софија“ во Охрид, ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на Шунтаро Таникава.

„Струшките вечери на поезијата“, како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот од август (од 25 до 29 август), во своето автентично издание на препознатливите локации.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата. Специјален гостин на годинашното издание е лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

– Програмата на фестивалот ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 25 странски поети, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања. Во состав на програмата е предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија, промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година – Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и на странски поети – велат организаторите.

Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија.

„Струшките вечери на поезијата“ годинава се одржуваат под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката. Во рамки на програмата на фестивалот, ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката.

Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 г., целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширокиот аудиториум.