Печен див лосос, сласт за гурмани и уживање за оние кои постат

147

Во време на пости, кога немате идеја што да подготвите за следниот ден, ви ја збогатуваме трпезата и ви го изоструваме вкусот со одличен рецепт за печен див лосос во рерна. За разлика од некои други видови риби застапени на нашата трпеза дивиот лосос има мала содржина на жива и богат извор на EPA и DHA омега-3 масни киселини и моќниот антиоксиданс астаксантин.

За подготвка на овој рецепт користевме замрзнат лосос од 1,5 килограм, исчистен од утробата и без глава. Рибата одмрзнете ја, потоа убаво измијте ја, посолете ја од сите страни и внатре, и оставете ја преку ноќ во фрижидер да ја впие солта.

Пред подготовка, избришете ја рибата од вишокот вода, а потоа наполнете ја со смеса од 100 грама сецкани ореви, магдонос и неколку сецкани чешниња лук. Затворете ја рибата со метално стапче за ражњичи.

На горниот дел од рибата направете засеци, во кои ќе ставите половинки од кругови цитрон, кој ќе пушти сок во печењето и ќе и даде сочност на рибата.

Ставете ја рибата во тава на која претходно сте ставиле хартија за печење и полејте ја со 100 милилитри превриено масло за јадење, и веднаш ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени Целзиусови. Печете околу 35-40 минути, или додека убаво не зарумени горниот дел од рибата.