Пет нови книги од антологиската серија „Најдобрата кинеска литература за деца“

68

Пет нови книги од антологиската серија „Најдобрата кинеска литература за деца“ неодамна објави „Македоника литера“ со што досега се објавени вкупно 18 тома. Новите пет тома се: „Бадникова вечер“ (роман) од Хуан Беиѓиа, „Дрвото сладок портокал“ (раскази) од Цао Венсјуан, „Ноќта со змејот“ (новели) од Пенг Ји, „Големоглав син и малоглав татко“ (раскази) од Џенг Чунхуа и „Развигорот нежно дувка“ (басни и бајки) од Сун Ѓианѓианг. Преводот од англиски јазик е на Елена Саздовска, Дијана Крстевска, Славчо Пеев, Бојана Богдановска и Сибел Ајдинова Бранковиќ.

„Овие томови се избор од прозата на најпознатите современи кинески писатели за деца и млади. Изборот е направен од самите автори, а освен предговорот, книгите содржат и осврт на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво. Серијата е реализирана во копродукција со издавачот ‘Делфин букс’ од Пекинг, НР Кина“, посочуваат од издавачката куќа „Македоника литера“.

Инаку, „Бадникова вечер“ е еден од најпознатите романи на кинеската писателка Хуан Беиѓиа (1955). Во овој роман таа пишува за растењето и за созревањето на децата во современиот свет, кои стануваат пореалистични, попресметливи, осамени и егоцентрични.

„Ноќта со змејот“, пак, претставува избор од најрепрезентативните дела од фантастичните приказни на Пенг Ји, односно содржи три новели: „Ноќта со змејот“, „Цибетка со девет животи“ и „Тројца диноботи“. Овие приказни, кои личат на народните волшебни приказни, се фантастични и мистериозни, на границата меѓу сонот и јавето, со фантастични, луцидни и мудри пресврти, а кои всушност претставуваат и хорор-приказни за млади.

„Големоглав син и малоглав татко“ е најпознатото дело на кинеската писателка Џенг Чунхуа (1959) кое во Кина со години е бестселер и е едно од најрепрезентативните дела во литературата за деца. Адаптирано е за цртана серија која е посебно популарна кај младите и се прикажува во неколку сезони.

„Развигорот нежно дувка“, пак, содржи избрани басни и бајки на Сан Ѓианѓианг (1946). Басните се куси, но предизвикуваат размислување со извонредно изведени заплети и техники за пишување. Некои од басните се полни со животна филозофија, додека други се поетски или интригантни. Како и басните на Езоп, и оваа книга е погодна за читање за деца, но и за возрасни читатели.

„Дрвото сладок портокал“ ги содржи најрепрезентативните 12 раскази напишани од Цао Венсјуан (1954), кои претставуваат четива за светот на вистинското, доброто и убавото. Цао Венсјуан е и автор на истражувачки дела за литературата и сценарист и е добитник на неколку книжевни награди и награди за сценарио на филмски фестивали во Кина и во светот.