Петар Грашо – кршачот на женски срца, oвој викенд, главна музичка ѕвезда на „Штипска пастрмалијада 2024“

111

Штипската дводневна забава ќе ја обележат, главно, македонски пејачи и групи, меѓу нив и: атрактивната Антониа Гиговска, одличната Дани Димитровска, групите „Фис бенд“ и „Дупер“, шоуменот Жаре Бербер, фолк-ѕвездата Јордан Митев, додека, од Белград, посетителите со пастрмалија (оваа година нешто поскапа од минатата), ќе ги забавува познатиот „Лексингтон бенд“

Штипјани веќе се во финална фаза, подготвувајќи го големиот годинашен музичко-забавен спектакл „Штипска пастрмалијада“, кој ќе се одржи овој викенд, на 20 и 21 септември, и тоа 16. пат, но овој пат на една нова, поубава локација.

Ќе биде на улицата „Ванчо Прќе“ во центарот на Штип, која ќе биде адаптирана во големо, народно шеталиште. Да потсетиме дека таму се одржа и првата „Пастрмалијада“, пред 16 години. Сега, Штип повтрно ѝ се враќа на својата најомилена улица.

Водител ќе биде, кој друг ако не штипјанецот Миро Кацаров. Тој не ја крие, а и нема причина за тоа, големата радост што ќе му даде соодветен белег на својот сакан град со своето водење. Иако некои му го минимизираат тоа, сепак, тој останува препознатлив водителски лик на овие наши простори.

Годинава, штипската дводневна забава ќе ја обележат, главно, македонски пејачи и групи, меѓу нив и: атрактивната Антониа Гиговска, одличната Дани Димитровска, групите „Фис бенд“ и „Дупер“, шоуменот Жаре Бербер, фолк-ѕвездата Јордан Митев, додека, од Белград, посетителите со пастрмалија (оваа година нешто поскапа од минатата), ќе ги забавува познатиот „Лексингтон бенд“. Сепак, според сите анкети, најголема музичка мамка што ќе привлече публика, му се допаѓало тоа некому или не, е сплитскиот пејач Петар Грашо. Тој ќе настапи во сабота, ќе има полноќен концерт. Организаторите се на мака, се прашуваат дали е доволно широка улицата „Ванчо Прќе“, поради огромниот интерес за песните на Грашо?

Има интерес за песните на Грашо од голем број македонски градови, најмногу од Скопје, но има интерес и од градовите во јужна Србија (Врање, Лесковац, Бујановац….), чии жители, исто така го обожаваат овој Далматинец.                            Навистина, ни останува да видиме како ќе биде направено тоа на самото место, како го осмислиле организаторите настапот на сплитската музичка ѕвезда. А, дека ќе направи Грашо одлична забава, воопшто не се сомневаме, бидејќи има хит до хит во својот репертоар: „Уторак“, „Ко нам брани, „Све нас мање има ту“, „Ако те питају“, „Шпорке ричи“, „Ломи, ломи ме“, „Љубав једне жене“, „Увик исти“…

Иако не е официјално најавено, се шушка „меѓу редови“ дека токму тој, Петар Грашо, ќе ја пресече годинашната џиновска, штипска пастрмалија. Минатата година, тоа го направија браќата Мартин и Стефан од македонското рок-дуо „Некст тајм“, во присуство на штипскиот градоначалник, Иван Јорданов. Тоа е вистинска атракција и за туристите и за жителите на Штип. Сè на сè, настан за кој долго (ќе) се раскажува и надвор од границите на Македонија.    Д.М.