„Книжевноста треба да биде форма на отпор. Нејзината улога е да критикува, да провоцира, а не да служи за забава. Ако една книга не промени ништо во нас, тогаш џабе сме го потрошиле времето на неа. Во ова наше општество каде што сите вредности се испревртени, ни останува да избереме дали ќе се предадеме и фрустрираме или тоа ќе го преточиме во отпор, односно книжевност. Па во едно такво општество за која тема и да се одлучите нема да погрешите…“, вели за весникот „Вечер“ македонскиот писател Андоновски, кој зад себе има три романи, а за „Телото во кое треба да се живее“ ја доби наградата Роман на годината

Неодамна, излезе од печат и второто издание на романот „Страв од варвари“. Се разбира, веднаш се наметнува прашањето – кој е варварин, а кој цивилизиран?

Во книжевноста темата за варварството има долга традиција. Почнувајќи уште од „Илијада“ на Хомер каде што се споменуваат варварите, преку песната „Чекајќи ги варварите“ на Кавафис, па сè до истоимениот роман на Куци. И колку и да се пишува на ова тема никогаш нема да дојдеме до одговорот на тоа кој е варварин, а кој цивилизиран. Затоа и во мојот роман „Страв од варвари“ го оставам прашањето отворено.

Што се крие зад стравот од варварите? Што мислиш, зошто другоста, различноста, непознатото, нè плаши, без разлика на што и да реферира терминот (различни вери, раси, животни определби…) Дали македонското општество почнува да надминува дел од предрасудите?

Мислам дека на македонското општество уште долго време ќе му треба да ги надмине предрасудите кои ги има. Сетете се на стравот од бегалците, на жителите на Тимјаник кои извикуваа „децата со попреченост подалеку од нашите деца“, или на актуелната геј-парада. Секој ден се соочуваме со огромна доза на говор на омраза во медиумите и по социјалните мрежи. Но, она што е застрашувачки е дека во многу „поцивилизирани“ општества од нашето се случува истото. Затоа треба да читаме, да патуваме, да се информираме, само така можеме да ги срушиме предрасудите.

И во „Страв од варвари“ и во „Телото во кое треба да се живее“ главни ликови се жени. И во двата романа, хероините се во потрага по себе, незадоволни, нереализирани… им недостига нешто…

Пораснав со жени. Со мајка ми и сестра ми, со двете баби. Кај нас дома постојано доаѓаа жени од разни возрасти. Во речникот на моето детство нема зборови од типот на клешти, шрафцигер, карбуратор… Во светот од моето детство жените си гледаат на кафе, толкуваат соништа, тивко се зборува за проблемите со мажите, забранетите љубови се премолчуваат. Во речникот на моето детство има многу жоржет, ликра, свила, витлери, минивал, скршени флекни на штикли, котелци на хулахопки и четириесет парчиња баклава во тава од калорекс бр. 38.

За да пишува, на писателот му треба поттик, добра перцепција, анализа, но и лични искуства за веродостојност на делото. Што е она што во моментов те преокупира, те нервира? Дава ли нашето општество со сите негови мани добри теми за обработка?

Книжевноста треба да биде форма на отпор. Нејзината улога е да критикува, да провоцира, а не да служи за забава. Ако една книга не промени ништо во нас, тогаш џабе сме го потрошиле времето на неа. Јас не верувам дека книжевноста може да го промени светот, но може да го промени светот на поединецот. Во ова наше општество каде што сите вредности се испревртени, ни останува да избереме дали ќе се предадеме и фрустрираме или тоа ќе го преточиме во отпор, односно книжевност. Па, во едно такво општество за која тема и да се одлучите нема да погрешите.

Годинава стана член на ДПМ заедно со неколку писатели и писателки и помладата генерација. Оваа генерација автори е забележлива во јавноста, како по наградите кои ги освојува, така и по перцепцијата дека полека го враќа читателот кон македонската книжевност… На што се должи ова?

Мојата генерација се одлучи да го тргне товарот на историјата од својот грб и историскиот наратив да го замени за универзални теми. Многу ми е драго што тоа го сфатија и од новата генерација филмски режисери како Ѓорче Ставрески со „Исцелител“. Колку и да звучи нескромно мојата генерација ја внесе потребната свежина во нашата книжевност. Читателите тоа го препознаа и затоа мојата генерација доживеа успех. Секако, ништо не започнало со нас и ништо нема да заврши со нас.

Претпоставувам, веќе сте во подготовка на четвртиот роман… или? Кога може да се очекува нешто ново и дали може нешто да се открие?

Наскоро заминувам за Крит. Па се надевам дека летово ќе се вратам со нов роман, иако тоа никогаш не можете да го планирате. (Н.И.Т)