Неделниот пораз од Тотенхем (2:0) беше вкупно шести за актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити, кога е во прашање актуелната сезона. Британскиот таблоид „Дејли Мејл“ откри дека фудбалерите на Сити и менаџерот, Пеп Гвардиола, по натпреварот дури 45 минути останале во соблекувалната, а имало и дискусија на повисок тон.
Повикувајќи се на високи извори од клубот, „Дејли Мејл“ тврди дека по натпреварот трофејниот шпански стручњак ги прашал своите играчи што можат да направат за да одиграат далеку подобро во двата натпревара од 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони, каде за противник го имаат шпанскиот гигант Реал (М).
Поискусните играчи веднаш му одговориле дека им е доста од постојаната ротација на фудбалерите кога е во прашање почетниот состав и дека мора веднаш да се стави крај на таквата практика.
Шпанецот во актуелната сезона има направено дури 76 промени кога е во прашање почетниот состав, а тоа е далеку најмногу во споредба со останатите клубови кои се натпреваруваат во Премиер лигата. На втората позиција е менаџерот на Челзи – Франк Лампард, кој има направено дури 60 промени, а менаџерот на Ливерпул – Јурген Клоп има направено само 46 промени.
Сличен состанок со своите играчи Пеп Гвардиола имаше и изминатата сезона, веднаш после поразот на гостувањето во Њукасл. По состанокот, играчите на Манчестер Сити забележаа дури 14 победи по ред и ја освоија шампионската титула.