Пендаровски се сретна со Дендиас, разговарале за билатералните односи, евроинтеграциите и состојбите во регионот и во Авганистан

14

Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција, состојбите во регионот, како и актуелните случувања и состојби во Авганистан биле теми на средбата што денеска ја имаше претседателот Стево Пендаровски со Никос Дендиас, министер за надворешни работи на Република Грција, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

-Двајцата соговорници изразија задоволство од динамиката на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, а во овој контекст, претседателот Пендаровски најави дека во тек се подготовките за првата официјална посета на Грција, предвидена за наредниот месец.  Претседателот Пендаровски изрази очекување дека истата ќе придонесе кон уште подинамичен дијалог и кон дополнително унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, соопштија од претседателскиот кабинет.

Истовремено, осврнувајќи се на билатералните односи, претседателот Пендаровски изразил задоволство од нивото на економската соработка меѓу двете држави која бележи значителен напредок, при што оценил дека потпишувањето на Договорот од Преспа не само што ги нормализирал политичките односи, туку позитивно влијае и врз севкупните економски односи меѓу двете држави.

Во контекст на имплементацијата на Договорот од Преспа, претседателот Пендаровски посочил дека е неопходно негово натамошно имплементирање, како и ангажман од двете страни, за да се обезбеди брзо и непречено продолжување на работата на воспоставените тела со Договорот.

Покрај ова, во текот на разговорот двајцата соговорници размениле мислења и информации за процесот на македонската евроинтеграција, при што, искажувајќи благодарност за грчката поддршка на тој план, претседателот Пендаровски посочи дека усвојувањето на рамката за преговори останува наш приоритет.

На средбата, претседателот Пендаровски се заблагодарил и за грчката донација од 20.000 вакцини против Ковид-19, како и за укажаната помош во справувањето со пожарите во Гевгелија на почетокот на овој месец.