Ниту една земја од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ ако се инсистира прво да ги реши билатералните спорови, предупреди македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој денеска, во Скопје, беше домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички во процесот „Брдо-Бриони“, заедно со претседателите на Република Хрватска и на Република Словенија, Зоран Милановиќ и Наташа Пирц Мусар. Пендаровски рече дека во изминативе три години имаме сериозен дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во Европската Унија и надминувањето на билатералните спорови, бидејќи билатералниот спор со Бугарија, за жал, ја покри целокупната традиционална агенда за пристапување.
– Нам ни е јасно дека од 1997 година е задолжителна таа клаузула за добрососедски односи, мора да се исполни. Меѓутоа, во однос на нашите аспирации досега, јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со најмалку два од нашите соседи. Во последниве три години посебно, ние имаме сериозен дебаланс во таа смисла, бидејќи билатералниот проблем со Бугарија ја покри целокупната традиционална европска агенда за проширување. Ние се надеваме дека час поскоро ќе се промени тоа, бидејќи ако инсистирате на Западен Балкан да бидат решени чисто билатералните спорови, посебно ако се базираат на историјата или на емоциите, тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ кога било – истакна претседателот Пендаровски на заедничката прес-конференција во Скопје со своите колеги од Словенија и од Хрватска, Наташа Пирц-Мусар и Зоран Милановиќ, по состанокот во рамки на процесот „Брдо-Бриони“.
Пирц-Мусар и Милановиќ се согласни со Пендаровски дека билатералните прашања не треба да го одолговлекуваат влезот на Западен Балкан во ЕУ. Милановиќ порача дека е подеднакво важно да се затворат и билатералните прашања и да се спроведат потребните реформи.
– И едното и другото е важно. Отворени прашања постојат, како што е, на пример, прашањето меѓу Косово и Србија, кои меѓусебно не се признаваат. Но, тоа е процес кој се одвива паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зошто тоа практично значи „смрт за дијалогот“ – изјави Милановиќ.
Словенечката претседателка вели дека билатералните проблеми не треба да се причина за одолговлекување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан.
Тројцата лидери не се загрижени во однос на тезата дека треба прво да има продлабочување, пред проширување на ЕУ и изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“. Тие појаснија дека не се работи за формален предлог до Брисел и дека нема да добие согласност од голем број земји членки доколку биде официјално поднесен.
– И надвор од овој регион, Украина и Молдавија не чекаат продлабочување на ЕУ, туку влегоа во процедура за проширување. Објективно, во ЕУ, во изминативе години, постојат две и повеќе брзини. Не сите земји се дел од Шенген и не треба да има големо изненадување. Ова не е формален предлог на Макрон, туку дел од негов говор пред Советот на амбасадори пред неколку години, а сега е афирмиран. Нема да станеме членки утре, па да се плашиме дека ќе имаме понизок статус и помалку права од другите членки – изјави Пендаровски.
Вучиќ: Кој сум јас да го уништам оптимизмот за ЕУ до 2030?!
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не го дели оптимизмот на лидерите, кои очекуваат членство во ЕУ што поскоро, а најдоцна до 2030 година.
– Ова се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да им ја намалам амбицијата на некои други. Одлично ако е така, но не сум сигурен – изјави Вучиќ.
Претходно, преку социјалните мрежи, Вучиќ порача дека е важно во Скопје лидерите да се согласат како да ги задржат младите во регионот. Токму задржувањето на младите во регионот на Западен Балкан е една од трите точки што ги подвлекоа лидерите во декларацијата од состанокот на лидерите на земјите учеснички од процесот „Брдо-Бриони“ во Скопје. Во декларацијата влегоа и заложбите за забрзување на процесот на пристапување кон Европската Унија и за борба против ефектите од климатските промени и нивно ублажување.
На состанокот, покрај домаќинот Стево Пендаровски, учествуваа и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, во улога на ко-домаќини, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово – Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора – Јаков Милатовиќ и членовите на Претседателството на БиХ – Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.
Пред официјалниот почеток на состанокот, Пендаровски оствари билатерални средби со косовската претседателка Османи и со претседателот на Албанија, Бегај. Лидерите учесници имаа и пленарен состанок на процесот „Брдо-Бриони“. Пред одржувањето на состанокот, Милановиќ, како што пренесоа дел од медиумите, изјавил дека се надева оти средбата во Скопје нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето на завршната декларација.
Процесот „Брдо-Бриони“ прв пат се одржа во 2013 година, на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и на Република Хрватска, во Брдо кај Крањ. Лидерите на земјите од процесот „Брдо-Бриони“ се состануваат најмалку еднаш годишно, а главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите на Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.