Пендаровски ги отвори „Игри без маска“: Да ги направиме желбите театарска претстава исполнета со разбирање

101

„Да не останеме само на желбите и соништата, да ги направиме нашите желби театарска претстава исполнета со разбирање, помагање еден на друг и со безусловна љубов“, изјави претседателот Стево Пендаровски на отвоањето на овогодишниот Меѓународен инклузивен драмски фестивал „Игри без маски 2019“, кој започна денеска во Македонскиот народен театар.

Според Пендаровски кој е и покровител на фестивалот инклузијата на лицата со попреченост е показател за развојот на една држава, огледало на свеста и совеста на едно општество и на сите негови граѓани.

“Ве повикувам да го градиме духот на солидарноста, почитување и прифаќањето на различностите. Кога говориме за едно општество за сите не смееме да заборавиме дека тоа не смее да биде само парола, туку во него навистина мора да има место за сите“, додаде Пендаровски, кој посочи дека е пријатно изненаден од од љубовта, оптимизмот, кои „зрачат на сцената и во публиката“.

Тој нагласи дека без разлика на разликите што ги имаме сите сме еднакви и рамноправни и токму Меѓународниот инклузивен драмски фестивал „Игри без маска“ тоа и го покажува.

Фестивалот се одржува по шести пат во организација на Здружението на граѓани „Свет на различни, а еднакви”. Ќе трае четири дена и на него ќе учествуваат учесници од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Бугарија. Целта на проектот е остварување на законското право на лицата со хендикеп за нивно активно вклучување во културни настани, реализација на инклузивни обуки и работилници за нивна подготовка и учество во драмски дела и музичко сценски настапи со завршно претставување на театарската сцена.