Пахор и Јанша: Односите со сите наши соседи никогаш подобри

38

Според словенечкиот претседател Борут Пахор и премиерот Јанез јанша односите на Словенија со сите соседни земји се најдобри досега. Говорејќи на традиционалниот прием на почетокот на годината во Брдо кај Крањ, двајцата словенечки лидери ја истакнаа желбата за мир и конструктивен дијалог во Европа и светот.

-Од стекнувањето независноста и дипломатското признавање Словенија е посветена на мирно решавање на сите спорови, меѓународната соработка и мултилатерализмот и има многу пријатели во светот и нема противници или непријатели, рече Пахор, обраќајќи им се на странските дипломати акредитирани во Словенија.

Словенија ужива добра меѓународна позиција и како членка на ЕУ и НАТО се залага за искрени односи, почит и разбирање со Русија и Кина, „иако тие не се наши политички и воени сојузници“, рече Пахор денеска на приемот во Брдо кај Крањ.

Според претседателот, Словенија никогаш немала толку добри односи со сите четири соседни земји како што тоа е случај во последните години и на тоа „треба да се градат“ односите.

На овој дипломатски прием и премиерот Јанез Јанша се согласи дека односите со сите соседни земји се подобри од кога било претходно.

-Драго ни е што меѓу нас постои силно разбирање, солидарност и интензивен дијалог, како и соработка во многу области, рече премиерот Јанша за меѓусоседските односи.

Словенечката Влада ќе продолжи да посветува посебно внимание на средна Европа како „природно културно-историско“ подрачје, во кое е вклучена и Словенија, рече Јанша, кој минатогодишното словенечко претседавање со Советот на ЕУ, во втората половина од годината, го оцени како успешно.

Пахор на приемот порача дека е најмногу загрижен за ситуацијата во БиХ, „особено поради отворените аспирации за промена на границите“.

-Обидите за обликување на државните граници според етничките принципи мора да се сфатат како исклучително опасни за мирот и безбедноста во регионот и во Европа, им кажа претседателот Пахор на дипломатите акредитирани во неговата земја.