Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски нема да отстапи од јавно искажаниот став и нема да ги потпише решенијата за вработување на сите 35 „рамковно вработени“ кои му ги прераспредели Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците предводено од првиот вицепремиер, Артан Груби, туку само за 12 кои имаат соодветно образование, односно се правници или економисти. Пауновски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека нема со еден потпис да погази се она за што се борел во минатото како пратеник и изминатите три години како прв човек на Пазарна. Тој уште во јануари побарал, а сè уште не добил одговор според кој критериум во институцијата што ја предводи се распредели дури 35-мина, поголемиот дел со несоодветно образование, како детективи и јавна администрација и тоа во Инспекторатот каде што веќе 40 отсто од вработените се етнички Албанци.
-Јас уште во јануари реков: Да поднесам оставка ќе испаднам слабак. Но, ете на прва владина седница можете да ме разрешите, ако има некој кој што може да ги прими нека ги прими. Но тоа веќе би било и слабост на Владата. Сум го зборувал тоа како пратеник, дека седат дома а не земаат плата. Сега мене да ми седи некој дома нема да дозволам. Што е до мене, јас тоа нема да го правам, без разлика што не спроведувам владина одлука. Не терам инает, не е моја оваа институција. Политички сум дојден, политички и ќе си одам, но сакам да оставам институција која ќе работи како што треба. Тие не ни кажуваат по кој критериум распределиле 35 вработени во Пазарна. Тоа сакаме да го знаеме. Врз основа на кои критериуми на Трудова инспекција која има преку 300 вработени им даваат 12, а на нас ни распределуваат 35 во Пазарна, каде што веќе 40 отсто од вработените се Албанци, вели директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Тој потенцира дека во јануари писмената информација ја испратил до премиерот и вицепремиерот Љупчо Николовски, а информацијата била препратена и до Груби. Вели дека досега нема добиено реакција на ова писмо, но тврди дека ниту премиерот, ниту било кој друг од Владата не му се јавил да врши притисок врз него за да го потпише решението за примање на работа на сите 35 лица. Во писмото тој појаснил дека многу поголема потреба од инспектори има во Источна Македонија, односно во Струмица, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш, Штип, Кочани, Делчево, Берово, Свети Николе. Но, вработените кои се бара да бидат примени во ДПИ сакаат да бидат прераспределени во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид…, каде што нема потреба од работна сила, особено не за административни работници.
-Информација имам доставено уште во јануари кога ги распределија овие 35 и кога видовме каква структура се, со кои факултети се и не можевме да ги ставиме во нашата систематизација. Се образложивме. После тоа имам разговарано со министерот Крешник Бектеши и со министерот за информатичко општество и падна договор да бидат прифатени правниците и економистите и ние прифативме да ги распределиме тие 12 души. После тоа беше изјавата на Артан дека мојата изјава била несреќна. За него можеби е, но за мене е важно да ги исправиме работите во институцијата која ја раководам, вели Пауновски.
Пауновски е дециден дека може да прифати 12 од 35-те понудени „рамковно вработени“, но поради несоодветно образование на поголемиот дел од нив, не може да ги вклопи во системот останатите 23-ца.
-Тие се детективи, имаат завршено криминалистика кај Рамиз Мерко, а еден дел јавна администрација со 3 години со 180 кредити. Нам не ни треба јавна администрација, ни требаат инспектори за на терен. ДПИ моментално има 47 отсто вработени Македонци, 40 отсто Албанци, има Турци, има Роми, Власи, Срби со по околу 1, 2, 3 до 5 насто. На 247 вработени во институцијата, ставете уште 35 Албанци, колкав процент ќе биде тоа? И не зборувам за Тетово каде што од 48 вработени само двајца се Македонци, туку на ниво на целата држава, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат за весникот ВЕЧЕР.
Пауновски појасни дека во 2018 година во Пазарниот инспекторат наследил дури 305 вработени, а сега нивниот број е 247, со многу подобрена структура, односно поголем број инспектори, наместо административци. За него е неразбирливо зошто откако успеал да ја реформира јавната администрација во институцијата, сега го принудуваат непотребно да го зголеми бројот на вработени за 15 насто.
Откако Пауновски се изјасни дека овие 35 рамковни вработени не се прифатливи за неговата институција, првиот вицепремиер Артан Груби, ваквата изјава ја оцени како „несреќна“. Груби рече дека нема отпор за примање на рамковни административци.
-Околу 650 луѓе се започнати со работа и се на нивните работни задачи секојдневно. Има некои несреќни изјави на челници на државни институции, но мислам дека и тие ќе се решат. Значи, нема отпор за примање на рамковни административци, изјави тогаш Груби.
Министерот за информатичко општество и администрација, пак, Јатон Шаќири, неодамна информираше дека досега се завршени процедурите во сите институции за сите вработени кои беа предвидени со К5 програмата. Станува збор за околу 1.300 вработени кои беа вработени според Рамковниот договор, кои со години земаа плата, а не одеа на работа, и под водство на Артан Груби беа распоредени по државни институции и по општини. (В.С.Н.)