Зелен картон сите ќе плаќаат, патувале или не во странство

1206

 

 

До крајот на 2019 година Македонија треба да ја усогласи законската регулатива со ЕУ директивите, да подготви нов закон со кој што зелената карта ќе се спои со полисата за автоодговорност. Тоа значи по 2020 година секое возило со самата негова регистрација ќе добива и зелен картон. Како дел од новата регулатива се најавуваат промени и во делот на цената, односно либерализација на цената за полисата за автоодговорност, но затоа пак сите ќе ја плаќаат при регистрација.
Во Македонија има 530 илјади осигурени возила, а годишно осигурителни компании издаваат од 100.000 до 130.000 зелени осигурителни картони, што значи секој петти автомобил патува надвор од земјава.Тоа значи дека 400.000 возила не излегуваат преку граница и не им е потребен зелен картон, но со овие измени ќе возат и во Македонија со зелена карта.
Доколку семејството пак има две или три возила, сите ќе имаат зелен карон иако можеби само едно од возилата ќе патува во странство.Зелениот картон е еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и ги покриваат евентуалните штети кои ќе се причинат на трети лица со управување на моторните возила при патување во странство односно во земјите членки на системот на зелена карта.
Во ситуација кога стандардот во Македонија е низок, некој европски закони и директивни и не се така поволни за поголемиот дел од граѓаните.

За овие законски измени во интервју за МИА зборува претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски, кој потврдува дека согласно националната програма за усогласување со европското законодавство предвидено е до крај на 2019 година веќе новиот закон да добие зелено светло.
Според него друг крупен проект ќе биде и прашањето за либерализација на цената на автоодговорноста.
– Она што треба да го направиме при усогласување со европската регулатива е тоа зелената карта да не биде повеќе посебна полиса и посебна премија туку да биде дел од полисата за автоодговорност која секое возила треба да ја има при годишната регистрација на самото возила. И второ што треба да направиме е да се либарализира пазарот во сегментот на слободно формирање на цената за автоодговорност од страна на друшвата за осигурување-објаснува Поповски за МИА.

 Во моментов во Македонија зелената карта претставува посебна полиса

Во Македонија зелената карта претставува посебна полиса за која што се плаќа посебна цена, односно посебна премија и неа ја купуваат оние што патуваат во странство. Додека земјите од ЕУ, меѓутоа и во земји што не се дел од ЕУ, како Србија, Црна Гора, БиХ, само не Албанија и Косово, зелената карта не претставува посебна полиса, туку таа е вклучена во цената на полисата на автоодговорност што се купува при регистрација на возилото. При тоа во овие земји се плаќа доплата од пет до 20 евра за печатење на зелената карта, а не е тоа премија за зелена карта. Затоа во овие земји цената за автоодговорност е на повисоко ниво отколку во Македонија. Пример во Црна Гора е 125 евра, а кај нас 80 евра за патнички возила, но кога ќе се додаде и зелената карта тоа на некој начин ќе се доближи.

Според Поповски искуството од земјите што поминаа низ фазите на либерализација како Хрватска, Бугарија, Романија и Албанија, просечната цена имаше тренд на намалување, што е нормално на задоволство на граѓаните и правните лица. Тој тренд на намалување во зависност од земја до земја траеше од три до пет години, како што беше случајот со Бугарија каде што беше пет години. Но во Бугарија и Романија цените толку се намалија што друштвата не беа во состојба редовно да ги сервисираат штетите предизвикани од сообраќајни несреќи, компаниите беа несолвентни и немаа доволно капитал за да ги покријат штетите. Дури имаше и интервенција од страна на ЕК и на европскиот осигурителен регулатор со седиште во Франкфурт, специјално направија вежби за да се провери солветната позиција на осигурителните друштва и тоа покажа загрижувачки констатации за несолвентноста на друштвата за осигурување и се наметна потреба компаниите да се докапитилизираа и за таа сметка мораа да ги коригираат цените на автоодговорност. На пример во Бугарија за 30 проценти се зголемени цените оваа година споредбено со 2017 година.

Што се однесува за цените може и да нема голема промена во цените, а притоа да се вклучи зелената карта во цената на домашната автоодговорност.
-Но тоа зголемување може да биде и неколку проценти поени или може да биде за возила со мала кубикажа да биде минимален пораст, додека кај другите возила со поголема кубикажа да има повисока цена. За моделот не може да се каже во моменот, тоа ќе го понуди Владата по направени анализи – објаснува Поповски за МИА.

Неопходна либерализација на пазарот

За да се направи либерализацијата на цената и притоа зелената карта да биде дел од автоодговорноста, а притоа да не биде на штета на граѓаните во однос на евентуално зголемување на цените треба во пакет да се решат неколку работи.

Првата работа за која мора сериозно да се направи реформа, а ние ја имаме и како забелешка од ЕК, тоа е нула толеранција на неосигурани возила. Тука мора да се изврши идентификација и отстранување на секое возило што не е осигурано, а е во сообраќај.
Исто така друштвата за осигурување редовно да ги плаќаат штетите по основ на зелена карта.
Втора работа која треба да се реши дека статистички гледано постои доцнење во обновувањето на полисите за автоодговорност. Анализата на Националното биро за осигурување покажува дека во просек годишно по еден месец имаме доцнење, што значи граѓаните по еден ден во просек возат возила што не се осигурени. Тоа исто така не смее да се случи.

Став на Агенцијата е дека прво може да настане спојување на зелената карта со автоодговорноста, а потоа да се пристапи кон либерализација. Нашите анализи покажуваат дека целата постапка би се извела во период од две години, но откако ќе се донесе одлуката.

 Зелен картон за еден месец чини 30 евра, а за една година 60 евра

Српско возило кога патува во сите земји членки на ЕУне е неопходно да покаже зелена карта на граница, туку доволна е само регистрацијата на возилото. Тоа е и нашата идеја и Националното биро за осигурување сака да пристапи кон овој мултинационален договор, меѓутоа за тоа ќе треба да се добие дозвола од Бирото на зелени карти од Брисел.

Во моментов во Македонија цената зелениот картон со важност од еден месец чини 30 евра, а за една година 60 евра. Ако го отворите официјалниот сајт на Станиците за технички преглед на АМСМ тогаш ќе видите дека конкретно цената на зелениот картон на патничко возило до 66 киловати (КЊ) на годишно ниво изнесува 3.690 денари, а за над 66 КЊ за една година е 5.536 денари.

Цена за патничко возило до 66 КЊ за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 КЊ е 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, моторциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари.

Цената за товарните возила и автобусите е 17.222 денари.

(В.Ма.)