КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Патриотска беда

159

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, надвор од законските овластувања и пропишана постапка, го прогласи Законот за јазиците за официјален. Тоа беше доволно, едногласно, сите заедно во хор, докажаните патриоти со свиткана опашка, да извикаат “Еве го директорчето на Службен весник на РМ, што ќе оди во затвор”. Многу храбро. Браво! Херои на Македонија! Вие не сте мажи, не… вие не сте ни мажулиња… вие сте… домашно воспитување ми стои на патот да ви соопштам што сте. Ова “ви” и “вие” со мала буква, намерно! Нит го знам, ни познавам тоа директорчето. Ниту ме интересира дали е Македонец или Албанец… ако сака, Еским нека е. Патриотишта, за овој чин на силување на правната држава, одговорност се бара од Талат Џафери, а не од разно разни директорчиња, секретарки или чиновничиња од оваа или онаа институција. Ама вие такви силни патриотишта со свиткана опашка, не можете по магарето, па удри по самарот. Срам и јад!

Не бидна зора, после прогласувањето на амандманите на Уставот на Република Македонија, со кои се менува називот на Републиката. Пропеа удба-патриотот од грчка граница. Да, да… истиот тој кој продава гол патриотизам како Прометеј, на пазар низ Елада, веќе 2.300 години. И таа беда, побара референдум!?!

Истите тие, кои нозе покршија да го уништат референдумот, кој беше единствена шанса да се зачува името на државата за официјално во внатрешна употреба, сега бараат референдум?!? Која беда! Чемер и јад! Зар може пониско? Мислам не! И патриотиштата, како овци на молзење наредени пред „тесното грло” во трлото, видоа светлина, видоа спас. Прометеј ќе го спасел името со референдум… Господ да е на помош на сите нас. Храбро и одлучно тргнаа на молзење. Па нека Ве молзат бре уште 1000 години. Како што кажал чесниот Патрик од Охрида града, ќе Ве молзат до крв. Па нека Ве молзат бре! Искрвавете… кога немате грам мозок.

Претседателски избори на повидок. Патриотскиот глас надалеку се слуша. Бојкот! Бојкот извикаа патриотите и останаа живи. Бојкот бре на се, на крај сами ќе се бојкотираат. И што ќе биде придобивката за Македонија со бојкот на изборите?!? Па еве ако сакате што ќе добие ВМРО ДПМНЕ со бојкот? Веројатно истото тоа што го добија со бојкотот на референдумот. Срам и пропуштена шанса. На нас ни треба најдоброто од Македонија да го избереме за нов Претседател на македонската Република! Да се гордееме со него. Идејата за национално единство да ја преточи во дело. Гордост да биде кога ќе не претставува низ светот. А не бојкот ќе правеле патриотиштата. Патриотска беда!

На овој начин можам да наредам илјадници примери. Веројатно ќе пропуштам уште толку. Ама веќе преку глава од вакви патриоти. Работава е аман брат, не ме брани! Цели триесет години не бранат истите патриотишта и се изгубивме. Децении се шета Прометеј III Македонски по белиот свет, молзи овци за да ја бранел Македонија. Абе луѓе, Македонија треба да биде одбранета од токму такви патриоти. Нели разбравте, малку ли беше да видите со свои очи, да слушнете со свои уши?!? До кога со истите шушумиги, оваа земја ќе ја правиме циркус пред цел свет? Нели е доволно?

Библијата има многу кажано. Но за едно е “најзагрижена”. За лажните Пророци. Таму е јасно кажано дека нема поголем грев од тој да тргнеш да следиш лажен Пророк. Тогаш го напушташ Бог. Истото ни доаѓа на нас Македонците со овие лажните патриоти! Бетер! До кога ќе се шетате и ќе следите лажни „Пророрци”? До кога ќе правите гревови? До каде? До кога ќе ја предавате Македонија? Следејќи ги лажните патриоти, Вие ја предавате Македонија. Исто како оние кои следејќи лажни Пророци, го предаваат Бога. А толку многу Го почитуваат и сакаат. Исто како Вас, кои толку многу ја почитувате и сакате Македонија.

На нас Македонците, простете останатите, немам лоша намера, ни треба итно прочистување на разумот. Отрезнување! Освестување! Доста не молзат лажни патриоти. Доста не водат, наместо на поило, на кланица. Доста бре луѓе, доста е! Знаете ли Вие бре луѓе еднаш за доста?!? Грев е! Прометеј, четворица рубља патриоти, неколку изгубени честитки и удба патриоти не се спас за Македонија. НЕ! НЕ! И НЕ! На нас Македонците ни треба здрав патриотизам, ни е потребен “институционален патриотизам”, ни треба државотворно однесување. Доволно беше! Имаме можност за нов почеток, имаме шанса! Имаме капацитет, наш, македонски, домашен капацитет! Имаме пријатели, по цел свет и кај соседите. Само да престанеме да бидеме душмани самите на себе. И да го чуеме Патрикот од Охрид, да престанеме да уживаме како овци на молзење, зашто нашите “патриоти” немаат душа, грев немаат, молзат до крв

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)